Srecko Stipovic
27 Март 2016•Ажурирај: 28 Март 2016
ВИТЕЗ (АА) - Гордана Билетиќ најверојатно ја користи најнеобичната техника на украсување велигденски јајца. Со украсувањето се занимава веќе 9 години а со изработката и украсувањето со помош на отпадно стакло, стиропор и лепак околу 6 години. Своите изработки ги има изложено на многубројни изложби и секаде има привлечено големо внимание.

„Кога дојдов во фирмата Кристал видов дека стаклениот отпад кој се јавува во производството за мене е одлична суровина. Кога претходно се занимавав со стандардни техники на украсување на јајца пробував делчињата од стакло да ги вградам на јајцата. Затоа што цената им беше 6 марки по парче, ми беа скапи па одлучив да правам јајца од стиропор. Значи, се работи за специјална техника, а првата фаза е кршење на стакло. Втората фаза е лепење на истото стакло, со тоа што се вршат подготовки, односно мора да се одвојат малите од големите делови. Времето на лепење се врши во повеќе фази затоа што лепакот односно силиконот мора се исуши. За изработка на помали јајца потребно ми е час и половина до два часа, а за поголеми дури и шест часа”, вели Гордана покажувајќи ни ги своите изработки во стаклената витрина.
Интересно е тоа што поголемиот дел од нејзините уметнички дела ги подарува на колегите од работа. Секоја година пред Велигден таа на секој работник во нејзината смена му подарува по едно јајце. За возврат, работниците и подготвуваат материјал, го кршат стаклото на делчиња и сето тоа фунционира како во едно големо семејство.
„Најголемо задоволство ми е своите изработки да ги подарувам на своите колеги пред Велигден. Многу се воодушевени, така што изработените јајца им служат како сувенири. Декорациите пристигнаа на сите континенти затоа што луѓето сакаат необично украсени јајца и сјај. Овде имаат јајца кои се обложени со скапо обоено стакло. Некои колеги од работа однапред порачуваат декорирани јајца и им ги подаруваат на своите роднини и пријатели. Така ѝ стигнаа на сите континенти”, рече Гордана Билетиќ во разговорот за Anadolu Agency (AA).

Нејзиниот колега од работа и сликар Иван Батарило, во разговoр со Anadolu Agency (AA) рече дека е необично тоа што Гордана се одлучила баш за ваква техника која не е позната во светот и тоа што нејзините изработки не се сериски.
„Значи тие се изработени со големо трпение и промислено и сметам дека се работи за уметност која Гордана ја создава со помош на стакло и лепак. Посебно треба да се напомене дека таа по работното време може да декорира едно до две јајца. Секој работник од „Кристал” пред Велигден добива од неа по едно јајце. Тоа зборува доволно за неа како личност”, рече Батарило.
Интересно е да се напомене дека за ова хоби Гордана има голема поддршка од директорот на фирмата, Никола Франиќ, кој ѝ дава максимална поддршка во нејзината креативност и уметност.