Ivana Ramadanova
27 Март 2016•Ажурирај: 28 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Градскиот парк во Скопје денеска првпат се одржа хуманитарна трка на еден километар по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторката Билјана Кузмановска, целта на оваа спортска манифестација е да се подигне свеста за лицата со Даунов синдром, нивен еднаков пристап до спортот и спортските активности. Сите учесници во трката ќе треба да донираат 150 денари, додека учеството на трката за лицата и децата со Даунов синдром е бесплатно.

„Средствата кои ќе се соберат ќе се користат за едногодишно тренирање со овие дечиња во текот на целата година, како и за обезбедување сала, реквизити, стручни лица за работа, организирање на семинари за децата и родителите. За жал во Македонија нема регистар за бројот на деца со Даунов синдром, но на мое огромно задоволство сè повеќе се вклучени во различни спортски активности, бидејќи бавењето со спорт е од особено значење за нив”, изјави Кузмановска.
Трката е од отворен карактер и во неа ќе учествуваат и деца со Даунов синдром и нивните семејства. Сите деца со Даунов синдром по завршувањето на трката беа наградени со медали и пригодни подароци, а награди беа обезбедени награди и за останатите натпреварувачи.
На овој спортски хепенинг после трчањето имаше уште три спортски активности од забавен карактер: мечување, кошарка и фудбал. Настанот е во организација на Мечувачкиот клуб Ескрим.