Admir Fazlagic
22 Април 2017•Ажурирај: 23 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Група од дваесеттина активисти меѓу кои се луѓе од различни земји од Европа, кои пред 117 дена го започнаа „Граѓанскиот марш за Алепо" од Берлин кон Алепо и кои досега имаат поминато повеќе од 1.800 километри низ Европа, денеска пристигнаа на централниот градски плоштад во Скопје, каде што беа причекани од неколку активисти за човекови права и од граѓаните кои дојдоа да ги видат учесниците во овој марш, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесниците на „Граѓанскиот марш за Алепо" вчера наутро пристигнаа во Македонија, на северниот граничен премин, во близина на градот Куманово, каде што беа пречекани од страна на невладини хуманитарни организации кои им доделија пакети со храна, исто како на бегалците кои поминуваа низ територијата на земјата.
За утре учесниците во маршот најавија собир на централниот плоштад во Скопје, прошетка низ градот, а во Старата скопска чаршија ќе одржат презентација на „Граѓанскиот марш за Алепо". Исто така, предвидено е учесниците во маршот да се сретнат зо граѓаните на Скопје, со кои ќе разговараат и ќе разменат идеи за мирот во светот.
Маршот од територијата на Република Македонија ќе замине на 30. овој месец, за да продолжи понатаму кон Грција. За време на престојот во Македонија, учесниците на маршот ќе организираат различни активности насочени кон подигање на свеста кај јавноста за состојбата на сирискиот народ.
Овој цивилен марш започна на 26. декември минатата година, во Берлин, и оттогаш помина низ Германија, Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Маршот во Сирија се очекува да пристигне кон крајот на летото 2017 година.