Admir Fazlagic
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа прес-конференција за работилницата „Предлози и решенија за проблеми во образованието на турски јазик во Македонија“, којашто ќе се одржи на 24 и 25 декември, во организација на Министерството за образование на Република Македонија и Институтот „Јунус Емре“ – Турски културен центар, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на педагошката служба при Министерство за образование и наука, Муедин Кахвеџи, одговорен за учебници за основно и средно образование за сите наставни јазици во Македонија информираше дека во изминатите месеци остварил средба со претставици од Институтот „Јунус Емре“, од каде што произлегла иницијативата за заемна соработка.
Кахвеџи истакна дека се согласиле за сите прашања за воспитно-образовниот процес на турски јазик да биде дискутирано на конференција, а за таа цел предложиле да се одржи дводневна конференција финансирана од страна на турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.
Како што рече Кахвеџи, конференцијата е со цел и во интерес на подобрување на сите услови во квалитетот на наставата.
„Доколку на планираната средба произлезат прашања од ваков вид, за кадровски, просторни и слични проблематики, како Министерство за образование и наука согласни сме да земеме учество и доколку заклучоците што ќе произлезат од неа се во наша надлежност, ќе се обидеме да ги примениме во практика“, рече Кахвеџи.
Се очекува учесниците на работнилицата да ги посочат проблемите со кои се соочуваат во образованието и проблемите да се поделат на три вида: краткорочни, среднорочни и долгорочни, како и да се претстават предлози за надминување на проблемите.
Кахвеџи информираше дека на работилницата ќе има учесници од сите основни и средни училишта во земјата каде што покрај македонскиот и албанскиот се изучува и турскиот јазик.
Според Кахвеџи, на територијата на Македонија, турскиот јазик се изучува во 65 основни и во 13 средни училишта, меѓу кои и седум гимназии и пет стручни средни училишта.
Заменик-директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Фуат Коркмаз изрази задоволство што Институтот „Јунус Емре“ е дел од овој проект за кој смета дека ќе има голем придонес во подобрувањето на квалитетот на образованието на турски јазик.
„Од основањето на ‘Јунус Емре’ во Македонија, во 2010 година, реализиравме многу важни проекти во насока на образованието на турски јазик во Македонија. Досега, повеќе од три илјади македонски државјани го научија турскиот јазик. Продолжуваме со нашата поддршка во насока на образованието на турски јазик. Верувам дека оваа работилница ќе даде придонес во насока на образованието на турски јазик во Македонија“, рече Коркмаз во разговорот за работнилницата што ќе се одржи на 24 и 25 декември.
На прес-конференцијата присуствуваше и заменик-координаторот на Турската развојна агенција за меѓународна помош и соработка (ТИКА) во Скопје, Емине Гизем Башкан, која се обрати во името на оваа институција истакнувајќи дека ТИКА Скопје од почетокот дава особено значење и предност на проектите за образование.
„Во оваа насока, ова е работилница каде што ќе се идентификуваат проблемите во образованието на турски јазик во Македонија и ќе се предложат решенија. Очекуваме да донесе поинаква перспектива на проектите што ќе ги реализираме во иднина“, рече Башкан.
Соговорниците веруваат дека работилницата ќе ги оствари предвидените цели и дека ќе придонесе за подобрување на квалитетот на образованието на турски јазик, но и на другите јазици што се изучуваат во Македонија.