20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Австралија и Франција денес потпишаа договор вреден повеќе милијарди долари, за изградба на неколку подморници во јужниот австралиски град Аделаида, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавено од страна на канцеларијата на австралискиот премиер Малком Турнбул се вели дека меѓувладиниот договор за флотата подморници е потпишан од страна на Турнбул и францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан.
Во соопштението се вели дека договорот уште повеќе ќе ги зајакне долгите односи на полето на одбраната меѓу Австралија и Франција, кои беа поставени пред повеќе од еден век на боиштата во Првата светска војна“.
Проектот вреден 36,3 милијарди долари со француската национална градежна компанија за изградба и управување со бродови (Directions des Construction Naval Services (DCNS)) е најголемиот австралиски проект на полето на одбраната.
„Подморниците ќе бидат изградени во Австралија, од Австралијци, и ќе биде користен австралиски челик“, се вели во денешното соопштение, и се додава дека програмата ќе генерира илјадници работни места во земјата – во корист на производителите, на малите и средни претпријатија и високотехнолошки иноватори.
Во април ДЦНС го доби тендерот за проектот во конкуренција со јапонски и германски фирми.