Bekim Laci
02 Август 2017•Ажурирај: 03 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, по повод 2 aвгуст, Денот на Републиката, одржа говор на централната свеченост што се одржа на Мечкин Камен во Крушево, каде што истакна дека ги почитува хероите од Илинден кои ги дадоа своите животи и на тој начин ја изградија сегашнoста којашто сите ја живееме, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својот говор, спикерот на Собранието, Џафери, цитираше делови од Крушевскиот манифест, преку кој, рече, водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои покажале дека имале високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на религијата, етничката припадност, полот или социјалниот статус.
„Мислам дека сите ние кои денес живееме во оваа наша заедничка држава, треба да бидеме горди што пред повеќе од еден век нашите предци зборувале и се бореле за слободата, за почитувањето на човековите права, за соживотот и толеранцијата, за мултикултурното и мултиетничко општество”, рече Џафери.
Според него, во овие 26 години самостојност, граѓаните на земјата поминаа низ повеќе премрежија и кризи, сепак, како што рече, најважен е фактот што тие премрежија и кризи кај граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга разлика, не го нарушија духот на заедништвото, на соживотот.
„Ние имаме една заедничка татковина Република Македонија, и сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Во исто време, сите ние кои живееме тука или барем мнозинството граѓани, споделуваме уште една заедничка определба па ако сакате и сон, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО", рече меѓу другото Џафери.
Тој истакна дека периодот кој следи налага многу работа и сериозни, а можеби на прв поглед тешки одлуки и решенија, кои во еден разумен рок ќе ја покажат придобивката за сите граѓани.
„Собранието на Република Македонија, тука мислам на 120-те пратеници и на администрацијата, има капацитет, а верувам и политичка волја да ја исполни својата обврска која произлегува од владиниот План познат како 3-6-9. Убеден сум дека и другите столбови на власта, извршната и судската, исто така имаат капацитет да ги реализираат своите обврски”, изјави Џафери.
Претседателот на Собранието, Џафери, изрази увереност дека последната политичка криза нѐ научи дека не смееме повеќе да ги повторуваме сопствените грешки и да продолжиме да живееме во маѓепсан круг кој се манифестира со нестабилна сегашност и нејасна иднина.
„Верувам дека сите ние полека но сигурно надминуваме некои антагонизми кои немаат корени во нашата заедничка историја, во нашиот вековен соживот и толеранција, а уште помалку во нашите определби за подобра иднина во рамките на европското семејство. Тоа им го должиме на сите претходни генерации кои своите животи ги положија за денешна слободна и независна Република Македонија, но, уште повеќе тоа им го должиме на идните генерации“, рече Џафери во своето обраќање на централната прослава одржана во Крушево по повод 2 август, Денот на Републиката.