Ekipa
02 Август 2017•Ажурирај: 03 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на Самитот на земјите-членки на Jадранската повелба, што се одржа денес во Подгорица, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, оствари билатерална средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата потпрестедателот Пенс го истакна ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за поддршката од страна на САД, на којашто може да смета Македонија, а изрази и поддршка кон политиките на Владата, и за заложбите на РМ за членство во НАТО.
„Ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО“, нагласи потпретседателот Пенс.
Американскиот потпретседател нагласи дека од големо значење е да се обезбеди владеење на правото во Македонија.
„За САД, од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата против корупцијата, слободните медиуми, витализирање на граѓанското општество, доброто управување“.
Генерална оценка од Самитот е дека регионот покажува голема меѓусебна солидарност, што ја има поддршката од САД, коишто, како што пренесе и потпретседателот Пенс, стојат заедно со Република Македонија и со сите земји-членки и замји-набљудувачи на Јадранската група во стабилноста, просперитетот и евро-атлантските интеграции.
На самитот, Македонија ја претставуваше премиерот Зоран Заев, a учествуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи: Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со претседателот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар.
Во составот на делегацијата на Република Македонија беше и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски.
Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелба (Адриатик Чартер), а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.
Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО.