Ivana Ramadanova
01 Јуни 2016•Ажурирај: 02 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Точно на пладне, активисти и поддржувачи на „Шарената револуција“ и „Протестирам“ ги блокираа скопските раскрсници кај Црвен крст, Судска палата и Соборен храм, како дел од новите активности против аболицијата на претседателот Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Насобраните граѓани со знамиња во рака и автомобили на кои пишуваше "Протестирам" останаа половина час на трите клучни раскрсници во градот, поради како што велат итно и целосно поништување на одлуката за аболиција од 13 април, а потоа и итна и неотповиклива оставка од претседателот, Ѓорѓе Иванов.
„Овој систем веќе не смее да глуми нормалност, бидејќи ги прегазија сите можни чекори и рамки. Во псоелдните денови сме под постојан притисок и закани за да престане Шарената револуција да протестира, но ние не само што нема да престанеме туку ќе продолжиме да протестираме на сите можни начини. Нашите барања остануваат исти, и ќе продолжиме да протестираме се додека тие не се иполнат", изјави активистот Александар Младеновски.
Демонстрантите најавија дека ваквите акции ќе продолжат и во наредните денови. Протестите траат осум седмици и се организираат секојдневно во Скопје и низ Македонија. Неформалното движење „Протестирам“ и Шарена револуција и за денес најавија протест, кој ќе започне во 18 часот пред СЈО.