Ivana Ramadanova
08 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Демонстрантите од „Шарена револуција” денеска точно на пладне го блокираа сообраќајот на три раскрсници во центарот на градот, jавува Anadolu Agency (AA).
Со автомобили на кои беше испишано Шарена револуција и Протестирам и со знамињата во рака кои насобраните демонстранти ги држеа, беа блокирани раскрсниците кај Соборниот храм, Судска палата и кај Црвениот крст, а блокирана беше и раскрсницата на Рузвелтова кај Треска.
Од Шарената револуција велат дека блокадата е дел од новите акции со кој ќе продолжат да го изразуваат својот револт кон оваа Влада.
„Овде сме да го изразиме својот револт и да покажеме дека Шарената револуција не застанува овде. Ние нема да отстапиме сè додека не се исполнат нашите барања кои ги соопштивме на протестот во понеделникот. Блокирањето на раскрсниците, а со тоа и целиот сообраќај во Скопје е само симболика за да се покаже она што се случува низ нашите институции и како тие функционираат”, изјави активистот Александар Богоевски.
Демонстрантите од Шарената револуција со спрејови во сите бои, испишаа на улицата „Раскрстивме со вас”, порачувајќи и на Владата што побрзо да даде оставка и да одговара за, како што велат, целиот криминал што го имаат направено.