Bekim Laci
08 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Вработените во судската администрација денеска добиjа писмо од Европскиот сојуз на државни службеници (ЕПСУ), во коe генералниот секретар Јан Вилем Гудријан ја истакнува поддршката на над осум милиони работници до нивните колеги од Македонија кои бараат подобри плати и услови, јавува Anadolu Agency (AA).
Јан Вилем Гудријан, исто така, испратил писмо и до министерот за правда Валдет Џафери во кое се наведува дека тие го информирале амбасадорот на Европската Унија во државата да го следи развојот на настаните внимателно и да потврди дали навистина се повредени правата на работниците.
Синдикатот на судските органи и асоцијацијата на судската администрација денес повторно го блокираа патот пред Министерството за правда во Скопје во знак на протест за зголемување на платите за 35 проценти.
Претставниците на демонстрантите инсистираа на состанок со министерот Џафери, но нивните повици не беа услишани.
Претседателот на Синдикатот на правосудните органи и здруженија на граѓани, Пеце Грујовски, пред демонстрантите рече дека синдикалците се обединети без разлика на етничката, верската или партиската припадност, и истакна дека од сега на нивните барања ќе биде додадено и барањето за оставка на министерот за правда, на кој му покажаа црвен картон.
Грујовски рече дека од утре демонстрантите нема да одат пред зградата на министерството и информираше дека членовите на синдикатот на денешната заедничка средба ќе одлучат за следните чекори за изразување на своето незадоволство.