Ahmed Asmar
10 Февруари 2025•Ажурирај: 11 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Израелската армија во јануари 110 пати ја попречила работата на палестинските медиуми и новинари во Газа и окупираниот Западен Брег, соопшти локална новинарска група, јавува Анадолу.
Во соопштение издадено доцна синоќа, Палестинскиот синдикат на новинари истакна дека израелската Армија ги интензивирала нападите врз палестинските новинари додека извествале во Газа и Западниот Брег во јануари, што вклучува убиство на седум новинари во Газа и повреда на уште шест.
Израелската Армија привела тројца палестински новинари од Западниот Брег, испрашувала двајца и физички нападнала тројца други, стои во соопштението.
Дополнително, 17 новинари се соочиле со гушење од израелски солзавец и шок-бомби додека известувале за израелските напади, а на 40 други им било оневозможено да известуваат од различни локации на Западниот Брег.
Палестинскиот синдикат на новинари наведе дека во јануари биле во контакт со релевантни арапски и меѓународни новинарски организации за да ги откријат злосторствата на Израел врз палестинските новинари и да се најдат начини за нивна заштита од израелските напади.
Во последниве години, израелската Армија спроведува редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците исто така често се цел на насилни напади од нелегалните израелски доселеници.
Најмалку 906 Палестинци досега биле убиени, а над 7.000 други повредени во оган на израелска Армија во Западниот Брег, според Министерството за здравство.
Во јули 2024 година, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи децениската израелска окупација на палестинските територии за незаконска и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Договорот за прекин на огнот и размена на заробеници стапи на сила во Газа на 19 јануари, по 15-месечната геноцидна војна на Израел во која се убиени речиси 48.200 Палестинци, а енклавата е претворена во урнатини.