Ali H. M.Abo Rezeg
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Израелскиот суд го одби барањето на адвокатот на 16-годишната Палестинка, Ахед ал-Тамими, за ослободување со кауција, која беше притворена минатата недела од страна на израелските власти, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вчера, израелскиот воен суд Офер, лоциран во близина на Рамала, Западниот Брег, го одби барањето на адвокатот на младата Палестинка за ослободување со кауција", истакна за АА таткото на затворената Палестинка, Башем ал Тамими.
Според Ал Тамими, Ахед, нејзината мајка Нериман и уште еден член на фамилијата треба да се појават на суд денес, во врска со обвиненијата за учество во, како што ги опишаа изралеските власти, насилните немири и поради давање отпор на безбедносните сили.
Минатиот вторник, израелските сили ја притворија Ахед за време на рација во текот на ноќта во Западниот Брег. Нејзината мајка беше уапсена кратко потоа.
Ова не е првпат Ахед да им се спротистави на израелските власти. Во 2012 година, истанбулската општина Башакшехир ѝ ја додели наградата Ханзала за храброста поради спротвиставувањето на израелски војници при апсењето на нејзиниот брат.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во тоа време беше премиер, се состана со Палестинката на која ѝ го пренесе своето восхитување за нејзината храброст.
Родителите и браќата на Ахед неколкупати беа приведувани од страна на властите за нивното жестоко противење на израелската окупација на палестинските територии.
На 6 декември, американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, одлука која предизвика осуди од арапските и муслимански земји како и протести ширум палестинските територии.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека оттогаш, во судирите со израелските безбедносни сили на Западниот Брег, Источен Кудс и во Појасот Газа, се убиени 15 Палестинци, а илјадници се повредени.