Rania R.a. Abushamala
16 Април 2024•Ажурирај: 21 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Неколкумина Палестинци загинаа, а други се повредени утринава во израелскиот воздушен напад чија цел беше џамија во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, јавува Анадолу.
Медицински извори рекоа дека „неколкумина загинати и деветмина ранети се пренесени во болницата Камал Адван во северниот дел на Појасот Газа по нападот на израелските авиони на џамијата на Загинатите херои на Ал-Фахора, лоцирана западно од бегалскиот камп Џабалија“.
Возила на израелската армија, исто така, влегоа во градот Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа, опколувајќи училиште во кое се засолниле раселените луѓе и отвориле оган врз нив, соопшти ВАФА.
Локалните извори објавија прекин на комуникациите и интернет-услугите во Беит Ханун што се совпаѓа со упадот на израелските војници.
Новинската агенција додаде дека израелската армија продолжила со оган од тешки митралези западно од градот Беит Лахиа во Северна Газа, како и артилериско гранатирање во источните и северните региони на Појасот Газа.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Тел Авив вели во тој напад се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“.
Во израелските напади на Газа се убиени речиси 33.800 Палестинци, главно жени и деца, а околу 76.500 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според податоците на Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.