Ahmed Asmar
20 Февруари 2024•Ажурирај: 21 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Фондот на Обединетите нации за популациски активности (УНФПА) денес изрази длабока загриженост поради извештајот на експерти на ОН во кој израелската армија се обвинува дека извршила сериозни прекршувања на правата на палестинските жени и девојчиња, вклучително и злосторства како егзекуција и сексуално злоставување, јавува Анадолу.
„Експертите на ОН се згрозени од пријавените прекршувања на човековите права на палестинските жени и девојчиња од страна на израелски армиски офицери“, се вели во соопштението на УНФПА на социјалната мрежа Х, додека ги споделува извештаите на експертите на ОН за прекршувања на правата на палестинските жени, вклучително егзекуции, сексуални напади и деградирачки третмани.
„Сторителите на овие злосторства мора да бидат кривично гонети“, повика агенцијата на ОН.
„Жените и девојчињата не се цел“, се истакнува во него.
Група експерти на ОН вчера изразија вознемиреност поради „веродостојните наводи“ за огромни прекршувања на човековите права со кои продолжуваат да се соочуваат палестинските жени и девојки во Појасот Газа и на Западниот Брег.
„Палестинските жени и девојки, според наводите, биле самоволно егзекутирани во Газа, често заедно со членовите на семејството, вклучително и нивните деца“, покажуваат добиените информации.
„Најмалку во една пригода Палестинките приведени во Газа, наводно, ги чувале во кафез на дожд и студ, без храна“, велат експертите.
Тие додадоа дека најмалку две палестински затворенички наводно биле силувани, а на други наводно им се заканувале со силување и сексуално насилство.
Експертите, исто така, повикаа на независна, непристрасна, брза, темелна и ефикасна истрага за наводите и Израел да соработува со овие истраги.
Израел допрва ќе го коментира извештајот на експертите на ОН.
Израел започна смртоносна офанзива против Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега загинаа 29.092 Палестинци, а 69.028 се повредени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа се внатрешно раселени и се соочуваат со постојан недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.