Ali H. M.Abo Rezeg
25 Декември 2017•Ажурирај: 25 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Израелските сили приведоа 30 Палестинци во текот на синоќешните рации извршени низ окупираниот Западен Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во денешното соопштение на израелската војска се истакнува дека лицата се приведени поради наводна вмешаност во, како што се вели, „познати терористички“ активности.
Според војската, осуммина од приведените лица се од населеното место Касра, на Западниот Брег.
Израелската армија често изведува опсежни акции за приведување и апсење на Западниот Брег под изговор за потрага по „барани“ Палестинци.
Според официјални палестински претставници, над 6.400 Палестинци моментално се наоѓаат во центрите за притвор низ Израел.
Последните апсења доаѓаат во услови на актуелните тензии на палестинските територии по одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, на 6 декември да го признае Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел.