Besar Ademi
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Група од десетици бегалци, кои во знак на протест во утринските часови ја блокираа меѓународната железничка линија којашто ја поврзува Грција со Македонија одлучија да се повлечат, додека товарниот воз кој остана блокиран околу 7 часа помина од територијата на Македонија кон Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Бегалците во утринските часови со транспаренти „Ние умираме пополека”, „Отворете ја границата”, „Слобода” го изразија својот револт поради мизерните услови во прифатниот центар во Идомени. Повеќето од нив чекаат со денови за да поминат на македонска страна.
Според хуманитарните организации кои работат во Идомени, бројот на бегалците во моментов изнесува 12.000, а овој број се зголемува секој ден за околу илјада нови бегалци.
Активистите велат дека немаат можност да ги обезбедат сите потреби на бегалците заради преголемит број на бегалци во кампот.
Од македонската страна, претставникот на УНХЦР за јужната македонска граница, Хајдар Фахад, за АА потврди дека границата е отворена и повремено се пуштаат ограничен број на бегалци.
Во прифатниот Центар за бегалци во Гевгелија во моментов се наоѓаат околу 100 бегалци, додека на влезот во Центарот има околу 120 ирачки бегалци кои се вратија од Табановце бидејќи не ги поседуваат потребните документи и не се знае што ќе биде одлучено во врска со нив.