Ekipa
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
ВИЛНУС/АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, ги предупреди Соединетите Американски Држави (САД) дека во контекст на турско-американските односи ќе се соочат со одговор ако го застапуваат мотото од каубојските филмови „правам сè што ќе посакам“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Литванија, турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, се сретна со литванскиот колега Линас Линкевичиус и потпиша билатерален договор за поттикнување на меѓусебните инвестиции.
Чавушоглу на прашањето на новинарите ги коментираше и актуелните односи меѓу Турција и САД и ја нагласи важноста од продолжување на дијалогот меѓу Анкара и Вашингтон.
Истакнувајќи дека Турција вложува големи напори во решавањето на проблемите во односите со САД, Чавушоглу изјави дека е позитивно тоа што делегација на американскиот Конгрес доаѓа во официјална посета на Анкара.
„Во САД постојат различни институции, позиции и мислења. Постојат и членови на Конгресот кои се свесни за важноста на добрите односи и соработката со Турција. Секако дека терористичката организација ФЕТО ги затру односите и дека постојат групи кои со тоа се затруени“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека ФЕТО затрул и одредени кругови во Литванија, и предупреди дека терористите се обидуваат да внесат раздор посебно меѓу татарската заедница во таа земја.
„Нема да дозволиме тоа да ги загрози нашите билатерални односи и подготвени сме на Литванија да ѝ дадеме секаква поддршка. Единството на Татарите во Литванија ни е важно колку и единството и правата на таа заедница на Крим“, порача Чавушоглу.
Чавушоглу понатаму изјави дека реториката на закани мора да се остави на страна и да се тргне по патот на нормализација на турско-американските односи и тоа без поставување неприфатливи услови.
Потсетувајќи дека Турција има добри односи со Русија и дека потпишала договор за купување на антиракетниот систем „S-400“, Чавушоглу изјави дека тие односи не се алтернатива на односите на Турција со САД или ЕУ.
„Нам ни е потребен антиракетен систем да ја штитиме својата земја. Сакавме да го купиме од сојузниците, вклучувајќи ги САД, но тие не можеа или не сакаа да ни го продадат“, изјави Чавушоглу и додаде дека САД не можат да гарантираат дека можат на Турција да ѝ го испорачаат системот „Патриот“, а постојано да се закануваат со блокада на испораката на воените авиони „Ф-35“, кои Турција ги купи и во чиј меѓународен проект за производство учествува и самата.
Тој уште изјави дека проблемите мора да се решаваат со договор на двете страни врз основа на заемно почитување и без притисок и наметнување од едната страна.
На прашањето да го коментира забележителното свртување на турската надворешна политика кон Русија, Чавушоглу изјави дека Турција води балансирана надворешна политика и дека во контекст на Русија не прекршила ниту една норма на НАТО.
„Денес многу членки на НАТО го забораваат тоа што се случува на Крим и во Украина. Турција тоа не го заборава и нема да ја признае илегалната руска анексија на Крим“, порача Чавушоглу.
Нагласувајќи дека Обединетите нации не наметнале задолжителни санкции на Русија, туку дека САД еднострано воведуваат такви мерки, Чавушоглу изјави дека Турција не е консултирана за тоа и дека не е должна да ги почитува американските санкции што ги донесува администрацијата која во Хелсинки дава една изјава, а потоа, под притисок на домашната јавност, излегува со сосема поразлични ставови.
„Не се придруживме ниту на американските санкции кон Иран бидејќи се еднострани, неправедни и неадекватни. Република Турција не е американска сојузна држава на, туку независна земја. Не сме должни да поддржуваме нечии неправедни одлуки. Паралелно со тоа, Турција приоритетно не е за опцијата за санкции“, порача Чавушоглу.