Halil Ibrahim Avsar
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
АНКАРА (АА) - Осумнаесеттата трка на сезоната на Светскиот шампионат во мотокрос (MXGP) ќе се одржи на 1 и 2 септември во турскиот град Афјонкарахисар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Мотоциклистичка федерација на Турција, најдобрите мотокросери на светот ќе дојдат во Турција, а во рамки на Светскиот шампионат во мотокрос ќе се отвори и Центарот за мотоспортови во Афјон.
На Светскиот шампионат во мотокрос, кој е една од најзначајните организации на Меѓународната мотоциклистичка федерација, 80 учесници ќе се натпреваруваат во име на своите тимови кои се светски познати брендови.
Овој шампионат ќе придонесе во промовирањето на Турција, а ќе се емитува во 180 земји.
Популарните спортски канали како „Евроспорт“, „БЕИН спортс“, „Фокс спорт“ и „ЦБС спорт“, ќе го емитуваат во живо овој шампионат кој има потенцијал од 1,4 милијарди гледачи.
Овој шампионат ќе биде пренесуван од околу 100 странски медиуми, а постои можност да гостуваат околу 5.000 странски посетители во Афјонкарахисар.
Од друга страна, во истото време и место ќе се организира и Мотоциклистичкиот фестивал во Афјон, во чии рамки ќе се реализираат различни активности.