Emre Doğan
25 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Светски познатиот Роби Медисон, тркач во мотокрос, го премина Босфор по воден пат со својот специјално дизајниран мотоцикл, јавува Агенција Анадолија (АА).
Теснецот Босфор извесен период беше затворен за поморски сообраќај, а во истанбулските квартови Ортакој и Бејлербеји беа поставени специјални платформи за австралискиот мотоциклист, кој во исто време е и филмски дублер.
Медисон, тргнувајќи со својот мотоцикл од Ортакој, по површината на морето стигна до Бејлербеји за приближно 1,5 минути, движејќи се со брзина од 70 километри на час и успешно го заврши својот тест со преминување на водата од Европа кон азискиот континент.

Роби Медисон, по одморот во Бејлербеји со својот мотор се врати во Ортакај по истиот пат. Четириесетгодишниот австралиски тркач во мотокрос беше радосен за успехот.
Давајќи изјава за печатот, Медисон рече дека сонувал со својот мотоцикл да го премине Босфор уште првиот пат кога го видел и додаде дека е среќен што успеал тоа да го реализира.
Информирајќи дека работел една година за да ја прикаже оваа изведба, Роби Медисон истакна:
„Многу сум возбуден што за првпат го возев својот мотоцикл во струите и длабоките води на теснецот Босфор. Босфор е еден од теснеците со најголем сообраќај во светот. Низ водите на теснецот Босфор досега минале сите видови на поморски пловила, но не и мотоцикл. Денеска тука ги надминавме и тие граници. Со месеци се подготвувавме и бестрашно истражувавме како можеме да го сториме тоа. Го ставивме својот потпис на една голема и извонредна приказна.
„За период од една минута, преминав од Европа во Азија, по водите на Босфорот, придружуван од галеби. Никогаш нема да го заборавам задоволството од перформансот на Босфор, каде што морската струја одвреме-навреме достигнуваше 13 милји [околу 20 километри на час]“, изјави Медисон.