Burhan Sansarlıoğlu
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Новата неизвесност во Европа е Франција. Пред претстојните претседателски и парламентарни избори, кои ќе се одржат во периодот април – јуни, анти-ЕУ настроеноста на водечката кандидатка од екстремната десница, лидерката на Националниот фронт, Марин Ле Пен, ги подигна тензиите во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Новото раководство на Франција ќе биде утврдено во април, мај и во јуни. Најпрво ќе се избере претседател во два круга, на 23 април и на 7 мај, а потоа на парламентарните избори на 11 и на 18 јуни ќе бидат избрани и пратениците. Анти-ЕУ изјавите на водечката кандидатка од екстремната десница, лидерката на Националниот фронт, Марин Ле Пен, се причина за нова неизвесност во Европа.
Покрај зајакнувањето на екстремната десница во Австрија, Белгија, Холандија и во Италија и одлуката на Британија за излез од ЕУ, екстремната десница во Франција, предводена од Ле Пен, започна да го привлекува вниманието врз себе. Додека, анти-ЕУ ставовите на Ле Пен заземаат важен простор во изборната програма, нејзините ветувања дека повторно ќе се користи францускиот франк, а еврото ќе се напушти, предизвикаа голем одек во Франција.
Според претпоставките и испитувањето на јавното мислење, се предвидува Ле Пен да биде победник во првиот круг.
Во врска со оваа тема, експертот советник од ИХС „Маркит“, Брајан Лосон за АА изјави дека во случај Франција да го напушти еврото, можноста за опстанок на валутата ќе се намали. Тој смета дека Националниот фронт на Франција ќе биде сериозен канадидат во вториот круг од изборите и пренесе оти партиите секогаш на изборите се обединуваат во блок против Националниот фронт, што според него, негативно влијае врз напредокот на партијата.
Лосон вели дека доколку не се формира еден ваков блок против Националниот фронт, можно е да се зголеми ризикот од излез на Франција од ЕУ. Посочувајќи кон „Брегзит“ и кон изборот на Трамп за претседател на САД, тој истакна дека сега ризикот за излез на Франција од ЕУ е низок, но оти тоа не е невозможно.
Тој истакна дека Британија не е во еврозоната и според него, во случај Франција одеднаш да ја напушти ЕУ, тоа ќе биде поинаку од Британија, односно ќе има поголемо влијание врз ЕУ. Лосон забележа дека доколку Франција го напушти еврото, можноста за опстанок на валутата ќе се намали.
„Колапсот што може да се случи во европските институции, може да биде причина за нагло зголемување на каматните стапки. Една ваква ситуација, земајќи ги предвид средствата и долговите на банките, може да предизвика сериозни загуби за банките. Ова исто така, ќе предизвика штета на кредитните побарувачки и негативно ќе влијае врз бизнисот и врз финансиската стабилност“, рече Лосон.
Преголемата неизвесност според Лосон, може да предизвика штета на деловното опкружување во Европа, а може да отвори пат и кон прекин на инвестициите. Тој исто така смета дека е можно да се зголеми финансискиот стрес од евентуални банкроти и слабеење на компаниите.
- „Предноста е кај Макрон“ -
Главниот економист од „Беренберг“, Холгер Шмидинг пак, изјави дека постои ризик од победа на Ле Пен. Тој смета дека поради тврдењата за корупција на семејството на централно-десничарскиот кандидат Франсоа Филон, зголемени се шансите на независниот кандидат Емануел Макрон. Истакнувајќи дека предноста е кај Макрон, Шмидинг смета дека во вториот круг од изборите, Макрон ќе може да обезбеди супериорност над Ле Пен.
Според Шмидинг, користа од скандалите на Филон не е на страната на Ле Пен, туку на страна на Макрон. Претпоставката на Шмидинг е дека и доколку Ле Пен ги добие претседателските избори, невозможно е нејзината партија да освои мнозинство на парламентарните избори во јуни и со тоа, таа нема да биде во можност да ги оствари своите анти-ЕУ ставови.