Ekipa
14 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Хуманитарниот конвој на турската организација ИХХ за населението на Алепо, тргна денес од Истанбул кон граничниот премин Џилвеѓозу во областа Хатај, од каде што ќе преминат во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во првата етапа започната денес, хуманитарната помош од Истанбул и од другите градови на Турција ќе им биде доставена на жителите на Алепо со 350 камиони.
Камионите од Истанбул ќе поминат низ Сакарја, Анкара, Коња и Невшехир, а во местото Позанти, во областа Адана, ќе им се придружи конвојот од другите градови.
Хуманитарниот конвој во местото Рејханли, во Хатај, би требало да стигне в петок, на 16 декември, а ден подоцна ќе тргне кон споменатиот граничен премин, од каде што помошта би требало да биде префрлена во Сирија.
На церемонијата по повод испраќањето на конвојот со хуманитарна помош присуствуваа претставници и членови на ИХХ и претставници на другите хуманитарни организации.
Насобраните лица го извикуваа слоганот: „Муслимани не спијте, внимавајте на своите браќа“, и носеа транспаренти на кои пишуваше „Алепо умира, светот молчи“, „Отворете го патот за Алепо“, „Треба да се молчи додека децата спијат, а не додека умираат“, „Не е бомбардиран Алепо, туку човечноста“.
Претседателот на ИХХ, Булент Јилдирим, во обраќањето на церемонијата изјави дека според сознанијата од Алепо, договорот за прекин на огнот бил прекршен и дошло до нови напади.
Според неговите зборови, синоќа повторно бил отворен оган во подрачјето од кое требаше да бидат извлечени цивилите.
Јилдирим изјави дека луѓето од сите делови на светот го гледаат овој масакр во Алепо, а дека големите сили и исламските земји не преземаат ништо.
„Се надеваме дека до вечер ќе имаме радосни вести. Но за Турција да биде силна на преговарачката маса, народот треба да биде на улиците. Кога овој конвој ќе тргне на пат, придружете се, следете, за оние што зборуваат да кажат: народот ова го сака“, повика Јилдирим.
„Ќе му порачаме на целиот свет. Но затоа треба да нѐ има многу на патот, нашиот конвој мора да биде долг. Придружете ни се на патот, поддржете нѐ“, изјави Јилдирим и да се организира митинг и да се направи сѐ што е потребно за трагедијата во Алепо да биде спречена.
Тој потсети дека Турција разговара со Иран и со Русија и дека вложува напори за евакуација на цивилите од Алепо.
Доколку се случи тоа, истакнува Јилдирим, околу 100.000 бегалци ќе заминат во Идлиб, и затоа ќе биде потребно за секој бегалец да се овозможи голем број прекривки и перници, шатори, кревети, облека, чевли, храна и хигиенски пакети.
„Во првата етапа ќе доставиме хуманитарна помош во Алепо со 350 камиони, а настојуваме тој број да се зголеми на илјадници камиони“, изјави Јилдирим.
Од друга страна, 22 камиона натоварени со хуманитарна помош на ОН го преминаа граничниот премин Џилвеѓозу и влегоа во Сирија. Камионите, чија дестинација е Идлиб, носат храна, но и лекови.