АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, одржа говор за време на 32. средба на претставници на локалната власт во претседателската палата во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во досега спроведените операции против терористите на ПКК во земјата и во странство, организацијата претрпе загуби од 9.500 терористи, кои се неутрализирани или ранети. Меѓу нив се наоѓаат и најкрвавите лидери на организацијата. На ист начин, против структурата на сепаратистичката организација беа спроведени операции во кои се приведени 40.000 лица, од кои на 10.500 им е одреден притвор“, рече претседателот Ердоган.
„Периодот во кој живееме има исто значење како и борбата за независност. По Првата светска војна, светските сили ја притиснаа Турција во централна Анадолија и со Договорот од Севр сакаа државата да ја остават само на грутка земја. Истото она што денеска се случува во Алепо“, истакна Ердоган.
„Денеска и во регионот и во Турција се играат многу итри, многу подли, многу крвави игри. Високиот ум за кој зборувам, секојдневно излегува пред нас со нови ѓаволштини, обидувајќи се во регионот да посее семе на омраза. Со крвави солзи, со граѓански војни, секташки војни, се обидува да го оцрни регионот. Свесни сме за следното, ова е војна на моќ, ова е трка на моќ“, рече понатаму во својот говор претседателот Ердоган.
- „Нема да им дозволиме да ја опустошат нашата земја“ -
„Нема да им дозволиме да ја опустошат нашата земја. Во Сирија, Ирак, во Либија и уште во многу други земји го направија тоа, но нема да им дозволиме да ни го направат тоа нам. Нема да им ги оствариме очекувањата да ги видат тие денови како плачеме беспомошно, меѓу урнатините, со децата во нашите прегратки, покрај безживотните тела на нашите сакани“, рече претседателот Ердоган.
- „Денот не е ден за раздор, судири и непријателство“ -
„Денот не е ден за раздор, судири и непријателство, не е ден за преглед на старите сметки“, рече претседателот Ердоган.
„Доколку сакаат да го ослабат нашето единство и заедништво, ако наспроти оваа мрачност не застанеме со челична волја, никој од нас не ќе може безбедно да гледа кон иднината”, рече турскиот претседател Ердоган.
Претседателот Ердоган истакна: „Ако не му ја згазиме главата на секој што ќе се обиде да ни го наруши народното единство, заедништвото и братството, нема да биде возможен нашиот опстанок. Доколку на секој што ќе се обиде да го симне нашето знаме не му ја скршиме раката или крилата, тогаш ќе бидеме срам пред нашите загинати херои. Треба да се знае дека наш долг кон татковината е да се бориме против сите што имаат претензии и кон една педа наша земја“.
- „Повикувам на национална кампања во Турција против сите терористички организации“ -
„Им се обраќам на сите граѓани на Турција. Повикувајќи се на членот 104. од Уставот на Турција, како претседател на Република Турција повикувам на национална кампања во земјата против ПКК, ДЕАШ, ФЕТО, ДХКП-Џ и против сите останати терористички организации, како и да се нарекуваат, именуваат“, истакна претседателот Ердоган во својот говор.
- „Државата и народот се покрај силите за безбедност“ -
Им се обраќам на сите безбедносни сили: народот и државата се покрај вас, во борбата против активностите на терористичките организации. Не воздржувајте се да ги користите сите ваши овластувања“, рече Ердоган.
„Треба да знаат, по ова не ќе има мир за терористите во планините, во градовите, за оние што ги поддржуваат. За ниту еден што соработува со терористите нема да има мир и спокој“, рече Ердоган.
- „Вечерва повторно ќе разговарам со Путин“ -
Во своето обраќање, Ердоган истакна дека повторно ќе разговара со рускиот претседател Путин. „Нашиот министер за надворешни работи, потсекретарот на МИТ исто така ја следат ситуацијата. Сите ја следиме ситуацијата за да видиме дали ќе добиеме некаков резултат. Ситуацијата е многу кревка и измешана. Не помина многу, а режимските сили го нарушија договореното примирје и почнаа одново да ги напаѓаат цивилите. Затоа делуваме со недоверба“, рече турскиот претседател.
„Подготвени сме да дадеме хуманитарна помош, но каде е сега ОН? Ние сме подготвени да дадеме секаков вид на помош за евакуација на цивилите, но потребен е само сигурен коридор. Подготвени сме да ги прифатиме и оние што ќе тргнат во Идлиб и оние што ќе се одлучат да дојдат во Турција. И нив ќе ги прифатиме како наши гости“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател порача дека Турција нема да ги остави жителите на Алепо сами. „Турција, надежта на угнетените, не го остави народот на Алепо на цедило, не ги остави сами и нема да ги остави. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да спасиме барем едно недолжно лице, колку и да нѐ чини тоа“.