Göksel Yıldırım
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
АНКАРА (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -
Турската компанија АСЕЛСАН (ASELSAN) работи на унапредување на опремата и наоружувањето на Турските вооружени сили, а од богатата понуда се издвојува платформата САРП (SARP) за оружје и ракетни фрлачи со далечински систем на управување што бележи сè поголема побарувачка и од странство, јавува Anadolu Agency (AA).
АСЕЛСАН е една од водечките светски компании во областа на Системите за далечинско управување со оружје (UKSS). Станува збор за системи кои лесно се интегрираат на платформи на копно и на море, и кои се користат во 16 земји.
Системите овозможуваат автоматско препознавање, следење и гаѓање на непријателски мети. Производите од ова семејство брзо ја одредуваат брзината и насоката на непријателските проектили и метите, и даваат низа неопходни метеоролошки и други информации од подрачјето каде што се инсталирани.

Употребата на системите со далечинско управување е многу практична во непристапните зони и средиштата на жестоки судири, а додатна предност му дава и интегрираната термичка камера.
САРП е називот на платформите кои ги произведува АСЕЛСАН и кои лесно се монтираат на тенкови, оклопни возила, фиксни надзорни станици, кули и критични инфраструктурни објекти.
Во зависност од оперативните барања, САРП може да биде опремен со митралез од 12,7 мм, автоматски фрлач на гранати од 40 мм или митралез од 7,62 мм.
Преку своите широки можности за надзор и далечинско управување, САРП го подобрува надзорот на непријателските елементи, а драстично ја намалува ранливоста на силите што го користат.
АСЕЛСАН досега произведе 1.350 платформи САРП, од кои една третина се извезени во други земји. Во согласност со потребите на теренот, платформите САРП минуваат низ постојано унапредување и модификации.

Од компанијата е соопштено дека основната конфигурација на платформите САРП е подготвена за сериско производство од 150 единици месечно, а најавено е дека наскоро во производство ќе влезе и нова генерација на платформи.
Новата верзија на моделот САРП-Л (SARP-L) се карактеризира со тоа што е со помали димензии и значително полесен од основниот модел. Развиен е за потребите за монтирање и далечинско управување на помали митралези и автоматско оружје.
Во тек е развивањето на платформата САРП-ЗАФЕР (SARP-ZAFER) која наменски ќе биде произведена за монтажа на оклопни возила и тоа на начин на кој оружјето на платформата ќе може да се дополнува со муниција автоматски од резервоарот, без да има потреба некој да го напушта возилото.