Gökhan Ergöçün
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Новата апликација за видеоконференции развиена во Турција го помина своето прво тестирање на платформата за меѓународна безбедност и одбрана во главниот град Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата СЕДЕК (SEDEC) се одржа виртуелно од 15 до 17 септември преку новата апликација „XperMeet“, развиена од турската технолошка фирма БИТЕС (BITES), филијала на турскиот гигант во одбранбената индустрија „Аселсан“.
Состаноците лице в лице можно е да не бидат возможни поради пандемијата на коронавирусот, но „XperMeet“ им овозможи на учесниците да имаат сигурни и безбедни разговори.
Благодарение на безбедниот софтвер, турските фирми од безбедносната и одбранбената индустрија одржаа разговори со снабдувачи од многу земји и се запознаа со светскиот пазар.
Во текот на три дена, 254 компании и институции од 24 земји одржаа 700 состаноци, со времетраење од вкупно 410 часа.
Угур Џошкун, генералниот директор на БИТЕС, изјави дека неговата компанија ја развила апликацијата во услови на раст на телекомуникацијата и наставата на далечина за време на епидемијата.
„SEDEC пружи значајна можност да се видат можностите на XperMeet“, изјави Џошкун за Агенција Анадолија (АА).
„Додека се обидуваме да ја прошириме практиката во Турција, не ги занемаруваме меѓународните пазари. Од оваа причина, SEDEC беше настан што се совпадна со нашата визија.“
„Во одредена смисла, го одржавме првото меѓународно пуштање на XperMeet и тоа беше првпат да имаме тест од вакви размери. Повратните информации што ги добивме покажаа дека успешно го поминавме овој тест“, рече Џошкун.
Компанијата ќе продолжи со напорите за понатамошно унапредување на апликацијата и на создавање силен меѓународен бренд со предлози и барања од корисниците.
„XperMeet“ ќе пружа безбедна видеокомуникација во стратешките и клучни области како што се образованието, финансиите, здравството, енергетиката и одбраната.
Апликацијата, која ја одржува максималната безбедност со енкрипција „од крај до крај“ и SSL-сертификација, ја користи домашната инфраструктура со цел заштита на корисничките податоци.
Преку апликацијата ќе биде возможно и високобезбедносно споделување фајлови, а нуди беспрекорни и квалитетни можности за конверзација.
Апликацијата може да се користи преку интернет-пребарувачи и мобилни платформи.