Barış Kılıç
21 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Адвокатот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, поднесе тужба против одговорните лица од грчкиот весник „Димократија“ поради навредливите содржини што тој весник ги објави за турскиот претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адвокатот Хусеин Ајдин предаде тужба до Обвинителството во Анкара, а обвинети во обвинението се сопственикот Манолис Котакис, менаџерите на уредништвото, Андреас Капсампелис и Јоргос Гиатродакис, и главниот уредник Димитрис Ризоулис.
Во обвинението се наведува дека весникот во издание од 18 септември на насловната страна има објавено навредливи содржини со фотографија на Ердоган и наведени се делови од текстот што во тој број е објавен.
Истакнувајќи дека турското правосудство е надлежно да го процесуира и навредувањето на турскиот претседател во странство, во обвинението се наведува дека се применува принципот на индивидуалноста на оштетената страна.
Исто така се наведува дека во согласност со турското законодавство може да се започне истрага против осомничените за навредување на претседателот на државата, без оглед дали тие се наоѓаат на територијата на Турција.
Во обвинението се наведува дека објавувањето навредливи содржини во грчкиот весник е една од најгрдите манифестации на драматичен морален колапс, а дека молчењето на грчката јавност кон тој чин покажува дека моралниот колапс не е карактеристичен само за маргинални групи, туку и многу пошироко.
„Псовката е јазик на оние што немаат што да кажат или на оние што не знаат да зборуваат пристојно. Псовката е срам и понижување на оној што ја изговара, а не на оној кому му е упатена. Цел на тој подмолен удар не беше само претседателот на Турција, туку и националните интереси за кои нашиот претседател одлучно се бори на Медитеранот и Егејското Море“, се наведува во барањето за обвинение што адвокатот го предаде во Обвинителството во Анкара.
Исто така се наведува дека таквиот текст не може да биде оправдан со слободата на мислење и говор бидејќи тие слободи не се неограничени според одлуките на Европскиот суд за човекови права.
На крајот на обвинението се наведува дека одговорните од весникот „Димократија“ со објавената содржина навредени се личноста, честа, достоинството и угледот на турскиот претседател, и се бара процесуирање на тој дел.