İlkay Güder
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Гласноговорникот на кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, изјави дека Турција очекува САД целосно да ја прекинат поддршката на ЈПГ и ПЈД, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нашето очекување од американската администрација е целосно да ја прекине поддршката на ЈПГ и ПЈД. Тоа би била најконкретната гаранција и потребниот чекор што треба да се преземе на терен“, изјави Калин за CNN Turk (Си-ен-ен Турк).
Тој истакна дека во соработка со групите кои не се поврзани со тероризмот, треба подрачјето на Сирија да се исчисти од сите терористички елементи.
„Кога станува збор за нашата национална безбедност, Турција ќе ја спроведе одговорноста во согласност со сопствените можности. Нашата одговорност е да ги заштитиме граѓаните на Република Турција и нашите граници. Од никого не треба да бараме дозвола за тоа“, рече Калин.
Турските вооружени сили во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“, со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното сириско подрачје на Африн.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.