Tuba Şahin
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за финансии, Наџи Агбал, истакна дека операцијата „Маслинова гранка“ на ниеден начин не може негативно да влијае на турската економија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, Aгбал рече дека операцијата која турските сили ја спроведуваат против терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното сириско подрачје на Aфрин, на крајот ќе има многу позитивно влијание врз турската економија.
„Постигнувањата на воената операција 'Маслинова гранка' ќе ги отстранат бројните ризици за нашата економија“, рече турскиот министер за финансии.
Укажувајќи на влијанието на нестабилноста и геополитичките тензии во Сирија врз економијата на Турција, Агбал изјави дека целта на операцијата во Aфрин е неутрализирање на терористите и отстранување на безбедносните и економските ризици.
„Пазарот е мирен и стабилен во екот на операцијата, која се спроведува според планот. Тоа и се очекуваше. Сите случувања на берзата и на финансискиот пазар укажуваат на економската стабилност“, рече Агбал.
Турските сили во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Африн, северозападна Сирија, со цел воспоставување на безбедноста во пограничното подрачје, неутрализирање на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата која под окупација ја држат терористите и спас на населението од тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Терористите на ПЈД/ПКК моментно под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која е на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. Од средината на 1980-тите години, ПКК води терористичка кампања против Турција.