Mehmet Tosun
24 Јануари 2018•Ажурирај: 24 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, порача дека за четири дена од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“, на спротивната страна неутрализирани се најмалку 268 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара се обрати пред претставниците на локалните заедници во оваа земја и во таа пригода се осврна на актуелните случувања во Сирија, особено на неодамна започната офанзива „Маслинова гранка“.
„Во операцијата 'Маслинова гранка' имаме и загинати и ранети. Од Ослободителната војска на Сирија и од нашите сили имаме седум до осум загинати за четири дена. Според информациите што ги имаме, на спротивната страна неутрализирани се 268 терористи. Продолжуваме одлучно. Во целост ќе бидат искоренети“, рече Ердоган.
Тој додаде дека борбата се води против организација која на децата им дава оружје в раце.
„Ние се бориме против организацијата која на децата на возраст од 13 до 15 години, на постарите жени и на луѓето кои имаат потреба од храна, им даваат оружје в раце и ги објавуваат нивните фотографии“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека Турција со спроведувањето на офанзивата „Маслинова гранка“ не ја сака тамошната територија, туку сака воспоставување на правда. Тој нагласи дека операцијата од Мунбич ќе продолжи долж турската граница и дека подрачјето ќе биде целосно исчистено од ова зло.
„Прво ќе го исушиме коренот на терористите, а потоа тоа подрачје ќе го направиме погодно за живот на 3,5-те милиони сириски бегалци кои ги згриживме. Она што го сакаме таму не е територијата, туку воспоставувањето на правдата. Првин ќе го исушиме коренот на терористите, а потоа тоа подрачје ќе го подготвиме за живот. Во мојата земја живеат 3,5 милиони Сиријци, она што го сакаме е на овие луѓе да им овозможиме враќање во својата татковина“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана.
Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без судири ја предадоа контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тоа стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментно под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која е на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. Од средината на 1980-тите години, ПКК води терористичка кампања против Турција.