Ekipa
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското обвинителство ги испрашува службениците на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во рамките на истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu agency (AA).
Државното обвинителство во Истанбул води опсежна истрага за убиството на Кашоги, кој на 2 октомври влезе во саудискиот Конзулат во тој град.
Во Палатата на правдата во истанбулскиот кварт Чаглајан се повикани 22 вработени во Конзулатот на Саудиска Арабија. Меѓу нив се наоѓаат и турски и саудиски државјани, а сите се повикани да дадат искази во својство на сведоци.
Во зградата на правосудството веќе пристигнаа и даваат искази пет вработени во саудискиот Конзулат.
Истрагата ја води Одделот за обвинителство за борба против тероризам и организиран криминал, а во процесот се вклучени повеќе државни обвинители.
Во петокот турското обвинителство веќе испраша 23 вработени во саудискиот Конзулат кои, исто така, беа повикани во својство на сведоци.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на таа земја во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.
Турската полиција и понатаму спроведува максимални мерки на безбедност околу комплексот на саудискиот Конзулат во Истанбул. Пред Конзулатот и понатаму има голем број новинарски екипи кои го следат развојот на ситуацијата.