Burcu Arik
03 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
СОЧИ (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Сочи, изјави дека Турција е важен и доверлив партнер на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Процесот на нормализација на нашите односи е зад нас. Продолжуваме да ги развиваме билатералните односи“, истакна Путин.
Тој додаде дека се укинати сите санкции кон Турција, со исклучок на забраната во врска со увозот на зеленчук.
Тој исто така истакна дека се согласува со турскиот претседател во врска со прашањето за воспоставување на безбедносни зони во Сирија.
Ердоган по средбата изјави дека примирјето или прекинот на оружениот конфликт во Сирија, со гаранција на Турција, Русија и Иран, е многу важна можност за постигнување на политичко решение за Сирија.
„Оваа златна можност не смее да биде упропастена“, рече Ердоган.
Коментирајќи во врска со нападот со хемиско оружје во сирискиот Кан Шејхун, Ердоган изјави дека таквиот брутален напад не смее да помине неказнето.
„Видов дека имаме исто мислење со Путин оти од исклучителна важност е казнувањето на одговорните за ваквите напади. Секој напад и нарушување на примирјето не само што ја прави ситуацијата на теренот полоша, туку и ги саботира напорите на земјите-гаранти“, рече Ердоган.
Ердоган и Путин се состанаа во претседателската резиденција во Сочи, а почетокот на средбата беше отворена за медиумите.
На состанокот присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, заменик-генералниот секретар и портпарол на турското Претседателство, Ибрахим Калин, и шефот на разузнавачката служба, Хакан Фидан. Од руската страна присуствуваа министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, советникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Усаков.
Ова е нивни петти состанок од почетокот на кризата во односите, што ја предизвика соборувањето на рускиот авион кон крајот на 2015 година.