Aylin Sırıklı
10 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Турските воздухопловни сили изведоа нови напади врз засолништата на терористите на ПКК во северен Ирак, а во нападите неутрализирани се најмалку тројца вооружени терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на Турската армија соопшти дека цел во утринскиот напад биле новооткриените скривалишта на ПКК во планинските региони на Зап и Хакурк.
Во соопштението се наведува дека сите гаѓани цели се уништени.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Планините Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат во северниот дел на Ирак, долж ирачко-турската граница. Станува збор за подрачје кое важи за колевка на терористичкото движење ПКК.
Турските сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, како и на северот на Ирак и Сирија.
Антитерористичките акции во пограничните подрачја на Ирак и Сирија се одвиваат врз основа на правата на Турција засновани на меѓународното право за самоодбрана и резолуциите на Обединетите нации кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
Акциите се изведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со цел неутрализирање на терористичките закани.