Hakan Çopur
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговараше со кралот на Саудиска Арабија, Селман бин Абделазиз, а двајцата лидери во таа пригода изразија согласност за неопходноста од воспоставување безбедносни зони во Сирија и во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пишано соопштение на Белата куќа се наведува дека Трамп и кралот Селман истакнале дека двете земји негуваат темелни билатерални односи врз основа на пријателство и стратешко партнерство.
Во соопштението се наведува дека Трамп од кралот Селман барал поддршка за идејата за воспоставување безбедносни зони за цивилите во Сирија и во Јемен, а пак саудискиот крал се согласил со тој предлог.
Исто така, наведено е дека двајцата лидери договориле продолжување на соработката во решавањето на регионални прашања, вклучувајќи ги војните во Сирија и во Јемен.
Трамп и кралот Селман разговараа и за важноста на внимателното следење на спроведувањето на договорот за нуклеарното прашање постигнат со Иран.
Саудискиот крал Селман го повика Трамп да ја поддржи Саудиска Арабија како клучен актер во борбата против тероризмот на Блискиот Исток.
Американскиот претседател Трамп телефонски разговараше и со престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мухамед ибн Зајед ел Нахјан, а главни теми на тој разговор беа билатералните односи и решавањето на регионалните кризи.