Hüseyin Burak Demirer
02 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Третиот гренд слем турнир и неофицијалното светско тениско првенство започнува утре во Лондон, а победниците на 131. Вимблдон ќе бидат познати на 16 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Вкупниот награден фонд на овогодинешниот турнир во Вимблдон изнесува 31,6 милиони фунти (36 милиони евра), а победниците во женска и машка конкуренција ќе добијат 2,2 милиони фунти (2,5 милиони евра), што е за 200.000 фунти повеќе во однос на минатогодишните награди.
Вимблдон за првпат се одигра во 1877 година, a оваа година титулата шампион ќе ја брани домашниот тенисер Енди Мареј и Американката Серена Вилијамс.
Една од најдобрите генерации во машкиот тенис ќе се бори за престижната титула во Вимблдон, а во тој контекст пред сѐ, треба да се споменат Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј. Меѓутоа, со посебен мотив оваа година на Вимблдон доаѓа и Швајцарецот Станислас Вавринка.
Во изминатите три години Вавринка успеа да ги освои гренд слем турнирите во Австралија, Франција и во САД, и од оваа колекција му недостасува само Вимблдон. Доколку оваа година победи на Вимблдон, 32-годишниот Вавринка ќе ја комплетира серијата на гренд-слеми, но, и за првпат во својата кариера ќе стане првиот рекет на светот на АТП листата.
На тој пат, меѓу останатите, му стојат Мареј, Федерер, и сѐ подобриот Ѓоковиќ, како и искусниот Надал, кој исто така може да се врати на првото место на АТП листата, така што во машка конкуренција ова ќе биде еден од најнеизвесните турнири во богатата историја на тоа натпреварување.
Најдобрата тенисерка на светот со рекордни 23 титули шампион на гренд слем турнирите, Серена Вилијамс, го пропушта Вимблдон поради бременоста, а петкратниот освојувач на гренд слем турнирите, Марија Шарапова, нема да настапува поради повреда, според тоа и во женска конкуренција се очекува еден од највозбудливите натпреварувања за титулата.
Германката Анжелик Кербер не може да ја врати минатогодишната форма, а постојана форма немаат ниту другите фаворитки, во прв ред Петра Квитова, Симона Хелп, Каролина Плишкова и Елина Свитолина.
Најспектакуларното тениско натпреварување во светот го симболизира и високиот степен на елеганција, па и покрај тоа што не постои во пишана форма, сите играчи мора да се придржуваат на низа правила, вклучувајќи ја и белата спортска опрема.
Тревната подлога дава одредена предност на добрите сервери, и не се чести долгите размени на ударите преку мрежата, но тоа не значи дека на Вимблдон му недостасуваат добрите потези и возбудувањата на теренот, како и на секогаш полните трибините.
Во случај на дожд, натпреварите се прекинуваат кратко, а редарите го прекриваат теренот со зелено платно. Секако, тоа не се однесува на централниот терен, кој прима 15.000 гледачи и има подвижен покрив.
Рекорд по бројот на освоени титули на Вимблдон е некогашната шампионка Мартина Навратилова, која деветпати го освои турнирот. Во машка конкуренција по седум титули имаат Вилијам Реншо, Пит Сампрас и Федерер, но Швајцарецот има шанса да ја освои и осмата титула оваа година и да биде сам на тронот.