Yusuf Özcan
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
ПАРИЗ (АА) - Самитот на индустриски најразвиените земји „Група седум“ (Г-7), следната година ќе се одржи во францускиот град Бијариц, соопшти претседателот на земјата, Емануел Maкрон, јавува Anadolu Agency (AA).
Макрон зборуваше за медиумите по Самитот Г-7 одржан во Квебек, Канада.
Францускиот претседател изјави дека Самитот не ги отстрани сите разлики, но е постигнат заеднички став за низа прашања, вклучително и за надворешната политика и трговија. Тој потсети дека шест земји, освен САД, се согласуваат со прашањето за климатските промени.
Тој додаде дека во областа на трговијата треба да се применат меѓународни регулативи, како и реформирање на Светската трговска организација (WTO).
Изјави дека доколку Светската трговска организација биде поефикасна, ќе има подобрување кога станува збор за трговијата. Потсети дека и со американскиот претседател Доналд Трамп разговарале за трговијата.
Францускиот претседател истакна дека е јасно оти е неопходно да се преземат сеопфатни активности за повеќе прашања меѓу Европската Унија (ЕУ) и САД.
На Самитот, според Maкрон, се говорело и за Сирија, а била потпишана и декларација за чекорите кои ќе се преземат за да се спречи употребата на хемиско оружје.
Посочувајќи дека Франција од 1 јануари 2019 година ќе претседава со Г-7, го најави следниот самит, кој во текот на летниот период ќе се одржи во Бијариц.
Макрон рече дека неговата земја и членките на Г-7, особено САД, се согласуваат за голем број прашања, но дека резултатите за тоа ќе бидат видливи во текот на следните неколку недели.
На прашањето дали Русија ќе се придружи на групата со која следната година ќе претседава Франција, Maкрон рече дека Русија треба да ги исполни своите обврски пропишани во Договорот од Минск.
Групата од 1998 до 2014 година имаше осум членки и се нарекуваше Г-8. Откако во 2014 година Русија го анектираше Крим, таа повеќе не беше членка на групата која подоцна беше именувана како Г-7.
Членки на Г-7 се Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД.