Kasım İleri
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - По критиката што премиерот на Канада, Џастин Трудо, ја упати до претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) за воведувањето дополнителни царини при увозот на железо и алуминиум, Доналд Трамп соопшти дека нема да го потпише завршниот извештај од Самитот на Г-7, пренесува Anadolu Agency (AA).
Преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, Трамп упати остра реакција на критиките кои премиерот на Канада ги искажа за него, објавувајќи: „Можам да кажам дека премиерот на Канада, Џастин Трудо, се однесуваше многу покорно и љубезно за време на состаноците на Г-7, сѐ до моето заминување, по што организирал прес-конференција, на која рекол дека ’воведувањето на царината од страна на САД претставува еден вид навреда‘ и дека ’нема да се расправа‘. Прилично дволичен и слаб.“
Трамп истакна дека Канада, како одговор на воведените царини за железо и алуминиум при увоз во САД, за 270 отсто ги зголемила царините на млечни производи од САД. „Поради погрешните изјави кои ги даде Џастин на прес-конференцијата и поради зголемените царини на Канада кон американските земјоделци, работници и компании, на американските претставници им издадов наредба да не го одобрат завршниот извештај на Г-7 и им кажав дека нема да го потпишам извештајот“, објави Трамп.
По завршувањето на Самитот на Г-7, премиерот на Канада, Трудо, одржа прес-конференција, на која упати остри критики до Трамп.
Трудо на прес-конференцијата потсети дека од Првата светска војна наваму, Канаѓаните се бореле рамо до рамо со американските војници, оценувајќи дека воведувањето царини за увоз на железо и алуминиум во САД од Канада претставува „еден вид навреда“.
Освен тоа, Трудо на прес-конференцијата рече „Канаѓаните се љубезни. Ние сме разумни луѓе и нема да се расправаме.“