Kübra Chohan
05 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Каталонскиот лидер, Карлес Пучдемон, и четворица членови од неговиот кабинет денес се пријавија во белгиската полиција, откако шпански судија издаде европска потерница за нив во петокот, јави белгискиот телевизиски канал „VRT“, цитирајќи извор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во текот на денот се очекува и изјава од канцеларијата на белгискиот федерален јавен обвинител.
Во четвртокот, петмината сепаратистички лидери, кои заминаа за Брисел, на почетокот од оваа недела не се појавија на сослушување во судскиот процес во Мадрид.
Од деветте министри кои се појавија на сослушувањето, осуммина беа испратени во притвор без можност за кауција.
Пучдемон и целиот негов кабинет се соочуваат со сериозни обвиненија за бунт, делување против државата и проневера на средства по прогласувањето на независност од Шпанија во каталонскиот парламент минатиот месец.
- Белгиско обвинителство: Судија до утре ќе одлучи за приведениот Пучдемон и министрите -
Портпаролот на канцеларијата на белгиското обвинителство, Жил Дејемепе, даде изјава за новинарите во Брисел и соопшти дека петте приведени лица ќе бидат задржани во притвор до утре наутро, кога судијата треба да одлучи за понатамошното процесуирање.
Дејемепе рече дека Пучдемон и неговите четворица министри се предале на полицијата во придружба на адвокати и дека официјално им е соопштено оти за нив е издадена европска потерница за апсење.