АНКАРА (АА) – Припадниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) пристигнаа на збирните места коишто се подготвени во рамките на процесот за разоружување и за ресоцијализација во заедницата, што се одвива под надзор на Обединетите нации (ОН). Ова е важен чекор во однос на преговорите за ставање крај на 50-годишната војна меѓу ФАРК и Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако според договорот требаше на зборните места да пристигнат најдоцна до 31. јануари, припадниците на ФАРК, кои ја водеа најдолгата оружена борба во Латинска Америка, на договореното место пристигнаа со задоцнување, на 21. февруари.
Меѓутоа, раководството на организацијата поднесе барање до Мисијата на ОН за Колумбија за промена на датумот за разоружување, притоа тврдејќи дека збирните места сѐ уште не се целосно подготвени.
Се очекува околу 7.000 членови на организацијата од 1. март да почнат со процесот на разоружување.
- Процесот на преговори -
По четиригодишните преговори меѓу лидерите на марксистичко-ленинистичката организација од Хавана во Куба, ФАРК и Владата на Колумбија, тие во јуни 2016 година потпишаа договор за прекин на огнот, со цел да им стават крај на судирите коишто се причина за смртта на над 250 илјади лица.
Минатата година, по договорот постигнат во рамките на преговорите одржани во август, колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос и лидерот на ФАРК, Родриго Лондоно, познат под името „Тимоченко“, во присуство на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, на 26. септември 2016 година, на симболична церемонија потпишаа договор за мир, пред договорот да биде даден на гласање пред народот.
Во октомври беше спроведен референдум на кој излегоа да гласаат околу 13 милиони Колумбијци, а резултатот беше изненадувачки и покажа дека 50,2 процента од гласачите рекоа „не“ за мировниот договор.
По спроведениот референдум, војската на ФАРК и Колумбија објавија дека договорот за прекин на огнот го одложуваат до крајот на годината. Сантос оствари средби со поддржувачот на кампањата „Не за мировен договор“, поранешниот претседател Алваро Урибе и со другите претставници на оваа кампања.
Веднаш по овој референдум, на Сантос му беше доделена Нобелова награда за мир, за неговиот напор да им се стави крај на долгогодишните судири.
Двете страни повторно седнаа на преговарачката маса во Хавана и на 12. ноември 2016 година соопштија дека е потпишан нов мировен договор.
Овој пат, Сантос кој не сакаше да се соочи со нов пораз, излезе со тврдење дека е постигнат подобар договор од претходниот, и го претстави договорот пред Конгресот, каде што доминираат сојузниците и на 1. декември овозможи колумбискиот Конгрес да го одобри договорот.
- Кои се измените во новиот договор? -
Сантос тврдеше дека ги спречил претставниците на ФАРК да ја напуштат преговарачката маса и оти со новиот договор се постигнати подобри резултати. Обраќајќи му се на народот, тој изјави дека во новиот договор се променети 57 члена.
Со новиот договор е одлучено ФАРК да го обелодени целиот материјален имот што го поседува и да го предаде. Беше потврдено дека овој имот ќе се искористи за исплаќање отштета на оние што се погодени од конфликтот.
Исто така, беше објавено дека во рамките на овој договор се преземаат чекори за решавање на нанесените штети врз семејните вредности меѓу религиските групи.
Беше соопштено дека е одреден преоден период од 10 години во кој правниот систем ќе обезбеди сеопфатни информации во врска со поврзаноста на членовите на ФАРК со групите што работат со трговија со дрога.
Беше дадена гаранција дека овој мировен договор нема да стане дел од Уставот на Колумбија.
Прашањата што беа најголемата потпора на кампањата „Не за мировен договор“ за време на референдумот беа евентуалното претставување на ФАРК во Парламентот, несоодветното казнување на виновниците, како и загриженоста од можноста припадниците на организацијата да станат сопственици на земјиште и имот. Избегнувајќи ги деталите, Сантос беше изјавил дека оваа загриженост ќе биде решена.
Во новиот договор беше утврдено дека ќе може да им се суди на членовите на ФАРК кои извршиле воено злосторство и вршеле трговија со дрога.
- Зошто победи „не“ на референдумот? -
Пред одржувањето на референдумот, сите резултати од јавните анкети покажуваа дека ќе победи кампањата „Да за мировен договор“. Поради ова, колумбиската власт уште пред одржувањето на референдумот го потпиша договорот на отворена свечена церемонија.
Колумбиската Влада, измамена од анкетите, доби оцена дека не покажала убедлив став пред народот тој да излезе на гласање. Поради ова, стапката на излезност на гласање во местата каде што се поддржуваше овој договор беше многу ниска.
Кампањата „Не за мировен договор“ ја водеа двајца поранешни претседатели, Алваро Урибе и Андрес Пастрана. И двајцата лидери претходно ги водеа мировните преговори со ФАРК.
Се смета дека народот гледаше на референдумот како на избор меѓу „мир или правда“.
Основните причини поради кои колумбискиот народ гласаше против овој договор се тоа што ФАРК ќе добие право на политичко претставување, виновниците нема да бидат казнети или пак ќе поминат со лесни казни, како и затоа што членовите на ФАРК ќе се здобијат со право на сопственост на земјиште и имот.
Фронтот „Не за мировен договор“, кој смета дека давањето на толку права на оние што ѝ штетат на државата е погрешно и ја обвинуваа Владата дека прави многу отстапки во однос на ФАРК. Владата пак, стои зад ставот дека ова е најдобриот договор што може да се постигне, и оти доколку не им се даде право на политичко претставување на ФАРК, како и ако не се олеснат казните, не би било возможно членовите на организацијата да се задржат на преговарачката маса.
Се дознава дека народот од регионите каде што во минатото ФАРК водел жестоки судири повеќе не сака војна и оти поради тоа го поддржуваат мирот. Од друга страна, пак, се смета оти членовите на семејствата што се директно погодени од активностите на организацијата гласаа против овој мировен договор, со што излегуваат против наградувањето на виновниците со тоа што ќе им се дадат правата што ги бараа.
- Што ја очекува Колумбија -
Експертите се согласни дека Колумбија ја очекува тежок процес, притоа ја нагласуваат важноста од спроведувањето на мировниот договор.
Сантос треба да докаже дека овој мировен договор е голем успех во неговиот преостанат мандат до претстојните претседателски избори во 2018 година. Се смета дека откако народот ќе го почувствува влијанието од мирот во секојдневниот живот, ќе го поддржи договорот.
Меѓутоа, изјавата дека Урибе повторно ќе се кандидира за претседател на изборите во 2018 година поттикнува прашања во врска со иднината на овој договор. Урибе изјави дека претседателската изборна кампања ќе ја води со слоганот „Обесправени сме“, а доколку тој ги добие изборите, постои можност да го поништи договорот.
Се очекува членовите на ФАРК во рамките на процесот за враќање во заедницата да бидат распределени во различни региони на Колумбија меѓу народот. Во оваа ситуација, вниманието го привлекува тоа што „старите непријатели ќе бидат соседи“.
ФАРК се формираше во 1964 година, како воено крило на Комунистичката партија на Колумбија со идеали за социјална правда, земјишна реформа и работнички права. ФАРК има марксистичка идеологија, а 50 години соработуваше со колумбиската армија.
Граѓанската војна во земјата беше причина за смртта на околу 260 илјади лица и за мигрирање на повеќе од 6 милиони лица.
Колумбиската Влада неколкупати остваруваше средби за мировни преговори со ФАРК, и тоа во периодите 1984 – 1987, 1991 – 1992, 1999 – 2014, како и во 2016 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
