Gökhan Ergöçün
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Војната меѓу Русија и Украина, како и затворањето на Ормускиот Теснец, покажаа дека безбедното снабдување со енергија не е само прашање на развој, туку е директно поврзано со суверенитетот и националната безбедност на земјите, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Говорејќи во главниот град Анкара на настан посветен на инвестициите во обновливи извори на енергија, Ердоган истакна дека Турција веќе реализирала проекти вредни 5 милијарди долари, со што во функција се пуштени нови централи со вкупна моќност од 6.818 мегавати.
„Турција од ден на ден станува сè позначајна како регионален енергетски центар“, истакна тој.
Тој потсети дека со затворањето на Ормускиот Теснец, кој е главниот излез на земјите од Персискиот Залив кон отворено море, се случил најголемиот прекин во снабдувањето со нафта во историјата.
Тој посочи дека затворањето на Теснецот предизвикало прекин на речиси 25 % од глобалното снабдување со нафта и на 20 % од светската трговија со течен природен гас.
„Цените на нафтата, кои се движеа околу 60 долари за барел, се зголемија и до двојно повеќе од таа сума“, потсети тој.
Тој напомена дека светот се соочува со истите овие вртоглави бројки не само кај цените на течниот природен гас, туку и кај сите нафтени деривати, вклучувајќи ги ѓубривата и пластиката.
Потсетувајќи дека одредени држави вовеле рестрикции слични на оние од пандемијата со Ковид-19 за да ја намалат потрошувачката на енергија, Ердоган истакна: „Училиштата беа затворени, а беше ограничен и пристапот на приватните возила во сообраќајот“.
„Имаше значителен број откажани летови. Се формираа долги редици на бензинските пумпи“, додаде тој.
„Како што растеа цените на производите базирани на нафта и природен гас, инфлацијата почна да се зголемува низ светот“, истакна тој, додавајќи дека иако пред само неколку месеци се очекувало закрепнување на светската економија, одолговлекувањето на кризата во Ормускиот Теснец принудило многу земји веќе да се подготвуваат за рецесија.