Agim Sulaj
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, го прими на средба претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во рамки на неговата посета на Косово, два дена пред Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, јавува Анадолу.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Курти истакнал дека Косово има постигнато значаен напредок во реформите, демократијата и економијата, со подобрувања во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и изборната и либералната демократија, како и со одржлив економски раст.
Курти оцени дека Европската Унија останува главен развоен партнер на Косово, нагласувајќи ја посветеноста на Владата на реформите што произлегуваат од Планот за раст и другите инструменти за претпристапување, при што ја истакна важноста од добивањето статус на кандидат.
На средбата се разговараше и за соработката со институциите на ЕУ, безбедноста и важноста на добрососедските односи во функција на регионалната соработка.
„Косово е целосно усогласено со надворешната политика на ЕУ, ја осуди агресивната војна на Руската Федерација против Украина со најостри термини и се приклучи на сите санкции на ЕУ против Русија“, се наведува во соопштението.
Курти за време на средбата со претседателот Кошта оцени дека со постигнатиот напредок во последните години, со зајакнувањето на владеењето на правото, унапредувањето на слободите, зајакнувањето на демократските институции и економскиот развој, „Косово е подготвено за статус на кандидат и отворање на преговорите“.
Ова беше втора посета на претседателот Кошта во Приштина, по онаа што ја реализираше во мај минатата година.