Ivana Ramadanova
19 Јануари 2016•Ажурирај: 20 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани денеска го празнуваат големиот празник Водици, празник кога според христијанското верување во водите на реката Јордан бил крстен Исус Христос, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој ден сите води во земјата се осветуваат и затоа полнат вода за која сметаат дека лековита и благословена. Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат по него и се обидуваат да го фатат. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Централната манифестација во Скопје се одржа на напладне на мостот Слобода, а крстот во водите на Вардар го спушти архепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Студенотот време не ги спречи верниците и годинава да влезат во ладните води.
Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан. Даниел Дончевски, кој е по потекло од Кратово по четврти пат го фати осветениот крст во водите на реката Вардар во Скопје. Тој прв пат крстот го фатил 2007 година. Од стотината верници кои скокнаа во водите, тој ја имаше срерќата повторно прв да стигне до крстот. Фаќањето на крстот, според христијанското верување означува соединување на човекот со Христа.
"Преубаво е чуството. нека е за могу години овој празник. Овој крст нека донесе многу радост, здравје и среќа", изјави Даниел.
Меѓу лицата кои денеска учествуваа во фаќањето на крстот имаше и верници кои со децении скокаат по него, но и такви што досега никогаш не учествувале. На манифестацијата денеска присуствуваа и Градоначалникот на град Скопје како и новоизбраниот премиер Емил Димитриев.