Besar Ademi
19 Јануари 2018•Ажурирај: 20 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод православниот празник Водици, денеска на пладне во водите на реката Вардар во Скопје, околу 150 кандидати се фрлија по крстот кој во водите го положи поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, јавува Anadolu Agency (AA).
Од 150-те кандидати кои се бореа да го фактат крстот во ладните води на реката Вардар, најуспешен беше Даниел Дончевски од Скопје, кој по петти пат успеа да го фати крстот. На оваа денешна церемонија присуствуваа илјадници граѓани од Скопје.
Церемонијата на фрлање на крстот се одржа и низ бројни населени места ширум Република Македонија.
- Одбележување на празникот Водици во регионот
Голем број граѓани се собраа на повеќе места во главниот град на Србија, Белград, за да ја следат трката за фаќање на крстот, а на повеќе локации пливаа околу 300 учесници.

Централната манифестација се одржа на Земунски кеј, каде крстот во водите на Дунав го фати средношколецот Урош Радуловиќ, а на Ада Циганлија победи Сава Станковиќ од Воената академија.
Во главниот црногорски град Подгорица, Иван Стаматовиќ од овој град беше победник во пливањето за крстот, кое традиционално се одржува по повод празникот Водици.
Во натпреварувањето учествуваа повеќе од 150 учесници, кои пливаа во ладните води на реката Морача.

Според хрисијанското верувње, се смета дека на овој ден сите води се крстени и исто така, оној што ќе го најде крстот ќе го следи среќа и бериќет во текот на целата година.
Водици е ден на кој според христијанското учење Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте „некрстени денови“, туку и циклусот зимски празнувања, во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Василица и други празници.