Adel Ömeragiç
19 Јануари 2018•Ажурирај: 21 Јануари 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, денес за 15 април распиша избори за престседател на државата, кои ќе бидат седми од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
На актуелниот претседател на државата Филип Вујановиќ, мандатот му започна на 20 мај 2014 година кога положи заклетва на Цетиње, откако на тогашните претседателски избори во другиот круг победи против кандидатот Миодраг Лекиќ. На Вујановиќ мандатот му истекува на 20 мај.
На првите непосредни избори во 1990 година победи Момир Булатовиќ, како и на другите, одржани во 1992/93 година. Мило Џукановиќ победи на изборите во 1997 година.
На претседателските избори во 2003, 2008 и 2013 година победи Филип Вујановиќ.
Претседателот на Црна Гора се бира на општите избори, непосредно и со тајно гласање, на пет години. За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половина важечки гласови на гласачите кои гласале. Ако ниту еден кандидат не го добие тој број на гласови, се одржува втор круг на избори за 14 дена.
Како е предвидено со Законот, во вториот изборен круг ќе учествуваат двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови. Потенцијалните кандидати за претседател на Црна Гора ќе мора да соберат најмалку 7.932 потписи поддршка.
Според Законот за избор на претседател, кандидатурата може да ја предложи политичката партија или група граѓани, врз основа на потписи на најмалку 1,5 отсто од вкупните запишани гласачи, кои се сметаат според податоците од изборите кои претходеле на одлуката за распишување на избори.
На парламентарните избори во 2016 година во Црна Гора имаше 511.405 запишани гласачи.