Ekipa
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ИСТАНБУЛ (АА) – Во цела Турција, денес се обележува националниот празник на Денот на победата и Денот на Турските вооружени сили, а по тој повод секаде низ земјата се одржуваат пригодни манифестации и собири, јавува Anadolu Agency (AA).
Обележувањето на празникот започна со утринското интонирање на националната химна и со положување венец пред Споменикот на Републиката, на истанбулскиот плоштад „Таксим“.
Венците ги положија претставниците на регионалните и на локалните власти на Истанбул, Командата на истанбулскиот гарнизон на Турската војска и претставниците на политичките партии и невладините организации.
Централниот собир во присуство на државниот, политички и воен врв на Турција е организиран во комплексот Антикабир, мавзолејот на основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Аттурк, во Анкара.
На обележувањето на Денот на победата и Денот на вооружените сили на Турција во Антикабир, присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на турскиот Парламент, Исмаил Караман, премиерот на земјата, Бинали Јилдирим, претседателот на Уставниот суд, Зухту Арслан, началникот на Генералштабот на турската војска, Хулуси Акар, челникот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, претседателот на опозициската Партија на националното движење (МХП), Девлет Бахчели, и голем број високи официјални лица на Турција.
Со слични собири, воени паради и други пригодни манифестации, Денот на победата и Денот на вооружените сили на Турција денес се обележува и во Измир, Чанакале, Дијабакир, Адана, Хатај, Кајсери во други градови во Турција и во Турската Република Северен Кипар.
Во порака по повод овој празник, претседателот Ердоган нагласи дека волјата на народот е најголем столб на безбедноста, стабилноста и на просперитетот на Турција, и изјави дека Турција ќе ја продолжи одлучната борба против тероризмот и против сите терористички групи на кои нема да им биде дадена шанса да успеат во намерата да го загрозат братството и единството на турската држава и народот.
На денешен ден, пред 94 години, турските сили предводени од основачот на модерната Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, забележаа голема победа во Битката на Думлупинар, која беше последна во турско-грчката војна водена од 1919 до 1922 година.
Празникот Ден на победата и Денот на вооружените сили во Турција се обележува по повод сеќавањето на таа битка, откако беше прогласена современа Република Турција.