Aybala Arpacı
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
АНКАРА (АА) - Заменик генералниот секретар и портпарол на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, истакна дека крвавиот обид за државен удар на 15 јули, во Турција, од страна на терористичката организација на ФЕТО, наместо да ја ослабне, ја зајакнал државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин во написот наведува дека операцијата на Турција на границата со Сирија, насочена против ДАЕШ и ПЈД (огранокот на ПКК во Сирија), има за цел расчистување на сите терористички елементи во областа, меѓу кои и ЈПГ, кој е вооруженото крило на ПЈД. Тој потсети дека постои договор според кој ЈПГ треба да го напушти градот Мунбич и да прејде на источната страна од реката Еуфрат.
Калин истакна дека се создадени услови во кои терористичката организација ПЈД и нејзиното вооружено крило ЈПГ ги заземаат подрачјата што ДАЕШ ги напушта, со што се обидуваат да освојат колку што е можно поголема територија. „Турција се обидува да го сочува територијалниот интегритет на Сирија, и наспроти пропагандата на ПКК и нејзините поддржувачи на западот и долж границата на Турција, нема да дозволи државичка под раководство на ПКК“, вели Калин во својот напис.
Во својот напис, портпаролот на претседателството на Турција, Калин наведува дека како што не постои проблем со Курдите кои се државјани на Турција и со ирачките Курди, така не постои проблем ниту со сириските Курди, и продолжи:
„Но, сите ние, имаме проблем со ПКК, кој колку што врши напади врз турските цивили и врз безбедносните сили, толку истовремено ги прогонува и ги убива и Курдите. ПКК и ПЈД сакаат во Сирија да создадат вистинска терористичка држава и за таа цел бесрамно ја користат војната во Сирија. Турција тоа нема да го дозволи. Со успешното влегување на Умерената опозиција во Џарабулус и со расчистувањето на градот од терористичката организација ДАЕШ, се урна митот дека ЈПГ е единствената ефективна сила што се бори против ДАЕШ. Операцијата „Штитот на Еуфрат“, меѓу другото покажа дека силите на Умерената опозиција на Сирија, доколку се правилно поддржани, можат да војуваат против ДАЕШ, и ја докажаа својата способност да ја ослободат територијата на Сирија од терористите“.
Портпаролот Калин ги повика САД по операцијата во Џарабулус да се откажат од политиката на поддржување на ПЈД/ЈПГ.
„САД треба да ја воочат грешката што ја прават врз општествената и етничката хармонија во Сирија преку поддршката што ѝ ја даваат на ЈПГ“, напиша Калин во својот напис.
Калин изјави дека Турција денес е посилна од времето пред обидот за државен удар. Тој истакна дека турскиот народ не сака да им се осветува на пучистите на Ѓулен, туку само ја бара правдата. Понатаму во својата статија, тој вели:
„Народот посакува да се обнови транспарентноста, довербата и одговорноста кон раководството во државно-цивилните односи, кои беа нарушени по обидот на луѓето на Ѓулен да ја преземат државата во свои раце, злоупотребувајќи ги државните вредности. Преземените мерки се со цел да се оневозможат идните обиди за државен удар. Секој обид за државен удар ја нарушува стабилноста на земјата. Економијата може да доживее колапс и може да се случи поделба на заедницата. Во Турција се случи спротивното, и таа како една целина го покажа својот отпор. Турскиот народ тоа го прослави како извор на сила и виталност и потребно е кон ова да се приклучат пријателите на Турција од секаде“.