Ivana Ramadanova
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани денеска го празнуваат еден од најголемите христијански празници, Водици, јавува Anadolu Agency (AA).
Според христијанското верување, овој празник е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан, од страна на Јован, кој од тогаш се нарекува Јован Крстител.
На овој ден, традиционално во Македонија, во речиси сите населени места, свештениците ја изведуваат церемонијата на фрлање на крстот во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот.
Се смета дека на овој ден сите води се крстени и исто така, оној што ќе го најде крстот ќе го следи среќа и бериќет во текот на целата година.Водици е ден на кој според христијанското учење Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Со овој празник завршуваат не само дванаесетте „некрстени денови“, туку и циклусот зимски празнувања, во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова година (Василица) и други празници.
Церемонијата на фрлање на крстот ќе се одржи во многу населени места во земјата, а најголема посетеност се очекува да има во Охрид, каде што веќе се пристигнати голем број туристи од земјава и од регионот.
Инаку, по повод христијанскиот празник Водици, претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи добро здравје и во многу радост.
Исто така, честитка по повод овој празик упати и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, како и бројни државни функционери и претставници на политичките партии.