Şerife Çetin
20 Февруари 2017•Ажурирај: 21 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Во 2016 година, во САД најмногу влегле бегалци христијани, што е спротивно на одлуката на американската администрација за забрана на влез за државјаните од седум земји во коишто живее мнозинско муслиманско население, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувачкиот центар „Пју“, повикувајќи се на податоци од Центарот за процесуирање на бегалците при американското Министерство за надворешни работи, соопшти дека 61 процент од бегалците кои во 2016 година влегоа во САД се христијани.
На второ место се муслиманите, со 22 отсто, по кои следат хиндусите со девет отсто и другите религиозни малцинства со шест отсто.
Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на изборната кампања неколкупати повтори дека бегалците муслимани „претставуваат закана за безбедноста на земјата“ и дека при приемот во САД, христијаните ќе имаат предност.
Извештајот на „Пју“ покажува дека речиси сите 85.000 бегалци што САД ги примија во 2016 година потекнуваат од десет земји.
Најмногу, дури 19 отсто се од Демократска Република Конго, по 15 отсто од Сирија, Мјанмар и од Ирак, 11 проценти од Сомалија, седум проценти од Бутан, четири проценти од Иран, по три проценти од Авганистан и од Украина и два процента од Еритреја.
Забраната за влез на Трамп се однесува на државјаните на Ирак, Иран, Сирија, Либија, Сомалија, Судан и на Јемен.