БРИСЕЛ (АА) – Поддржувачите на ПКК во Европа, кои организираа протест по повод операцијата против членовите на ХДП, кои не дадоа изјави за судот, шират тероризам. Двајца турски државјани беа нападнати во Британија, додека пак во Франција беше извршен напад на амбасадата и конзулатот со молотов коктел, јавува Anadolu Agency (AA).
По притворањето на одредени членови и функционери на ХДП, поддржувачите на ПКК кои живеат во Европа организираа протести во различни држави. И покрај тоа што ПКК е прогласена за терористичка организација од страна на ЕУ, на демонстрантите им беше дозволено да носат обележја на оваа организација. Поради недоволните мерки преземени против поддржувачите на ПКК, во последните неколку денови забележани се повеќе насилни настани.

- Англија -
На вчерашниот марш во Лондон, некои од поддржувачите на ПКК физички нападнаа двајца турски државјани. По нападот, студентката Џејлан Нас (25), која студира англиски јазик и книжевност во Британија и нејзиниот вереник, Бурак Таш (28), случајот го пријавиле во полиција, меѓутоа жалбата не била прифатена од страна на британската полиција.
Расправата настанала откако Нас и нејзиниот вереник кај метро станицата „Оксворд циркус“ сакале да ја снимаат групата демонстранти кои носеле транспаренти со наптиси против Турција. Нас рече дека демонстрантите извикувале навредливи пароли против претседателот Реџеп Таип Ердоган и против владата, а таа и нејзиниот вереник им возвратиле, откако ги нарекле фашисти.
„Застанав помеѓу мојот вереник и напаѓачот. Помислив дека полицијата ќе ги раздели. Меѓутоа не се случи тоа. Одзади уште 4 лица го нападнаа мојот вереник. Го одвлечкаа во една продавница и го удираа пред ескалаторот. Полицијата само ја затвори продавницата и нѐ држеа околу половина час внатре. Потоа нѐ изнесоа од задната врата и нѐ качија во такси возило“, раскажува Нас.
Таа додаде дека има повреда на раката поради здобиен удар додека се обидувала да ги раздели вереникот и напаѓачите.
Симпатизерите на ПКК во петокот ја нападнаа и турската амбасада додека протестираа, фрлајќи камења и јајца. За време на протестот, еден полицаец се здоби со полесна повреда на главата од фрлен предмет.
- Франција -
По акцијата за приведување пратеници на ХДП, во четвртокот вечерта, група поддржувачи на ПКК со молотов коктел ја нападнаа амбасадата во Париз. Нападот предизвика мала штета во зградата.
Се дознава дека властите веднаш преземале мерки за наоѓање на сторителот, меѓутоа досега нема притворени.
Во саботата навечер пак, со молотов коктел беше нападнат генералниот турски конзулат во Нант. Нападот не предизвика никаква штета. И за овој случај нема притворени.
Полицијата спречи една група демонстранти, кои имаа намера да маршираат кон генералниот конзулат во Марсеј.
- Германија -
Симпатизерите на ПКК излегоа и на улиците во Германија. Пред генералниот конзулат во Франкфурт дојде до судир меѓу полицијата и демонстрантите. Реонот е под силно полициско обезбедување, а демонстрантите кои сакаа да направат нереди, наидоа на силен отпор од полицијата.
Во градот Хановер пак, беше запалено возило со дипломатски таблички. Возилото било запалено од лице или од група лица, додека стоело на паркинг пред турскиот конзулат. Полицијата започна истрага во врска со запаленото возило, кое е во неупотреблива состојба. Вниманието беше привлечено од протестот на кој се собраа околу 300 поддржувачи на ПКК во петокот вечерта.
Исто така, беше нападнат и еден вработен во конзулатот, кој присуствувал на церемонијата во конзулатот по повод Денот на Републиката.
- Австрија -
Во областа Ранквејл/Кунерт, која припаѓа на покраината Ворарлберг во Австрија, беше нападната џамија, којашто функционира во рамките на Австриската турска исламска заедница (АТИБ), а под водство на Министерството за верски прашања. Вечерта на 3. ноември, непознато лице на таблата на џамијата напиша „ХДП“. На безбедносните камери се гледа како едно лице со спреј пишува на таблата од џамијата.
„За жал, немилите настани што ги предизвикуваат терористичките организации и нивните симпатизери во Турција, се шират и тука каде што живееме“, изјави регионалниот координатор на АТИБ, Абдулах Хороз.
- Шведска -
Поради смртни закани од страна на поддржувачи на ПКК во Гетеборг, беше откажана церемонијата за отворање на новото претставништво на Унијата на Европски Турски демократи (УЕТД).
Претседателот на УЕТД во Гетеборг, Харун Узел, во својата изјава вели: „Покрај ова, група од 150 лица поддржувачи на ПКК ја нападнаа општинската зграда во гратчето Кунгелв. На прозорците од зградата залепија плакати на кои пишува: ’Нема да дозволиме ИШИД (ДЕАШ) овде да зборува’“.
Узел нагласи дека десетици пати добиле смртни закани. „Сепак, одлучивме да ја одржиме церемонијата под силно полициско обезбедување, меѓутоа полицијата нѐ предупреди дека може да се соберат 2-3 илјади лица. Тие рекоа дека тешко би се справиле со толкава толпа. Затоа го откажавме отворањето на претставништвото“.