Bekim Laci
09 Мај 2016•Ажурирај: 10 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за локална самоуправа, Ширет Елези, учествуваше на Регионалниот конгрес во Подгорица, на тема „Поповолно деловно опкружување во Југоисточна Европа“, каде што им беа доделени сертификати на најдобрите општини за инвестиции во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за локална самоуправа се наведува дека во присуство на министри и претставници на земјите од Југоисточниот регион, на претставници на бизнис заедницата и меѓународната заедница, министерката Елези говорела за процесот на децентрализација во Република Македонија, за политиката на рамномерниот регионален развој и за владината програма за развој на општините. Таа им се заблагодари на меѓународните организации во Република Македонија и истакна дека постигнатите резултати се заеднички и се остварени со одлична соработка и во континуитет.
Процесот на децентрализација, рече министерката Елези, е успешна приказна со драматичен почетокот, поради брзината и сложеноста на реформите со кои се гарантира континуитет во совладување на предизвиците чекор по чекор.
„Последната Програма за локален развој и децентрализација, усвоена од Владата на Република Македонија, која се однесува на периодот 2015-2020 година, има за цел акцентот да се стави на развојот на општините. Главна цел на Програмата е создадавање економски посилни, развојно-ориентирани и инклузивни единици на локалната самоуправа, способни да обезбедат сеопфатен, иновативен и одржлив локален раст и развој на подрачјето на кое дејствуваат“. Оваа цел ќе се остварува преку реализирање на активности во четири приоритети, дефинирани во акциски план“, истакна министерката Елези.
Во врска со сертифицирањето на најдобри општини, министерката Елези истакна дека во Република Македонија има општини коишто ги исполнуваат критериумите за сертифицирање за „поволно деловно опкружување“. Таа нагласи дека општините имаат визија и работат на зајакнување на административните капацитети, на подигнување на нивото на транспарентно и отчетно работење.
На овој регионален конгрес учествуваа и преставници на ЗЕЛС, а сертификати за „поповолно деловно опкружување“ добија општините Штип, Богданци, Гази Баба и Градот Скопје.