Ömer Aydın
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
СТРАЗБУР (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон им се обрати на претставниците на Европскиот парламент во Стразбур, истакнувајќи дека Европа поминува низ период на поделби и сомнежи кај многу земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се чини дека Европа поминува низ еден вид граѓанска војна“, рече Макрон, додавајќи дека Европската Унија никогаш немала поголема одговорност да делува отколку сега, во екот на изборните победи на евроскептичките политички опции во Италија и Унгарија.
Првиот човек на Франција додаде дека во Европа сѐ повеќе се јавуваат авторитарни сили со јасна стратегија, што доведува до преиспитување на мултинационалниот систем на кој се заснова Европа.
„Европската Унија не ја напуштаат народите, туку нивните лидери. Оние кои тргуваат со стравот и популизмот сакаат да се вратат во национализмот. Тоа е рецепт од минатото“, рече Макрон.
Тој, исто така, нагласи дека мора да се воспостави нов суверенитет на Европа како одговор на стравот и гневот на европските граѓани.
„Во време на големи промени и трансформации, дигитална револуција, климатски промени... прозвани сме да ги преиспитаме темелите на нашето општество. Треба да изградиме нов европски суверенитет, кој ќе им покаже на нашите граѓани дека сме способни да ги заштитиме и да ги задоволиме нивните потреби“, рече Макрон.
Тој додаде дека Франција е подготвена да одвои повеќе пари за Буџетот на ЕУ по напуштањето на Велика Британија, но и по спроведувањето на реформите на Буџетот.
- Членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ -
За време на седницата на Генералното собрание на ЕП, Макрон ja спомена и кандидатурaта за членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан.
„Се соочуваме со геополитички ризик, земјите од Западен Балкан да се пренасочат кон Турција и Русија. Не сакам земјите од Западен Балкан да се пренасочат кон Турција и Русија“, изјави Макрон, истакнувајќи дека се потребни измени во рамките на Унијата и продлабочување на нејзината идеологија.
Макрон истакна дека „ЕУ доживува проблеми со 28 земји-членки“, додавајќи дека Унијата не е подготвена за нова ситуација со 32 земји-членки.
На прашањето во врска со воената операција што САД, Британија и Франција ја спроведоа во Сирија, Макрон одговори: „(Оваа операција) Нема врска ниту со Ирак, ниту со Либија. Ние не ѝ прогласивме војна на Сирија. Ние се бориме против ДЕАШ, кој војува против нас. Тоа е наша единствена војна. Седум години не започнавме војна против Башар Ал Асад. Со Резолуцијата 2118, усвоена на седницата на Советот за безбедност на ОН на 27 септември 2013 година, забранета е употребата на хемиско оружје. Оваа Одлука повеќепати е прекршена. Ние се бориме против тероризмот, а Асад се бори против сопствениот народ.“
Макрон истакна дека интервенирале во Сирија, со цел зачувување на честа на меѓународната заедница.