Alma Çekovic
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
СТРАЗБУР (AA) – Европскиот парламент (ЕП) денес ја изгласа Резолуцијата за напредокот во реформите на Босна и Херцеговина на патот кон Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
За усвојувањето на Резолуцијата, која ја подготви известувачот на ЕП за БиХ, Кристијан Дан Преда, гласаа 496 пратеници, против беа 132, а 67 европратеници беа воздржани.
Во резолуцијата, чиј нацрт кон крајот на јануари го усвои Одборот за надвореши работи на ЕП, се апелира БиХ да ги надмине етничките и политичките поделби на патот кон членството во ЕУ за процесот на оценување на апликацијата за членство во ЕУ да биде успешен. Исто така, се истакнува дека БиХ нема да биде успешен кандидат за членство во Унијата додека не се воспостават соодветни институциски услови.
Известувачот на ЕП за БиХ, Кристијан Дан Прена оцени дека 2016 година беше добра за БиХ, со оглед на тоа што земјата ја поднела апликацијата за членство во ЕУ во февруари, а Европската комисија го предала прашалникот во декември.
„Постигнат е значителен напредок и ние се надеваме дека Комисијата наскоро ќе востанови дека БиХ доби статус на земја-кандидат. Мораме да ги охрабриме властите да останат на правиот пат на реформите, за БиХ да стане поефикасна, инклузивна, демократска земја заснована на владеењето на правото“, оцени Дан Прена, се наведува во соопштението што го објави Европскиот парламент.
Синоќешната дебата за предложениот текст на Резолуцијата, во текот на која европарламентарците од Хрватска повторно се залагаа за амандманот кој предвидува идните разговори за уставното уредување на земјата да бидат засновани на принципите на федерализмот, децентрализацијата, супсидијарноста и легитимното претставување, што во БиХ во претходните денови предизвика остри политички тонови.
Членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ вчера во Стразбур, во текот на разговорот со известувачот на ЕП за БиХ, Кристијан Дан Предо, претседателот на Клубот на пратениците на ЕПП, Манфред Вебер и со челникот на Групата пријатели на БиХ во ЕП, Јасенко Селимовиќ, предупреди за манипулациите на терминот „федерализација на БиХ“, нарекувајќи ја како бенигна јазична форма која ѝ дава ветер во грб на ретроградната политичка агенда и потсети дека во Босна и Херцеговина барањата за федерализација подразбираат продлабочување на етничките поделби.
Изетбеговиќ смета дека треба да се разјасни оти луѓето што креваат рака за принципите на федерализмот во Европскиот парламент мора да бидат свесни каде може тоа да ги однесе.
Тој ги предупреди соговорниците дека таквата поддршка може да биде користена за обидите за антидејтонско прекројување на Босна и Херцеговина и за создавање етнички засновани федерални единици.
Вчера се огласи и пратеничката од Словенија, Тања Фајон, која изрази жалење поради тоа што, како што рече, Европскиот парламент уште еднаш е злоупотребен за промовирање на партикуларните интереси на хрватската заедница во БиХ.
Фајон истакна дека на БиХ ѝ е потребно единство и континуитет во активностите кон воспоставување поуспешни економски и социјални политики, а не повторно отворање на старите рани и оживување на националистичката реторика.
„Тоа не ѝ помага на БиХ како држава во целост и тоа е спротивно од целта на оваа резолуција – да им се помогне на нашите бошњачки, хрватски и српски пријатели во БиХ, да им се помогне на сите граѓани на БиХ“.